Skip to content

Спомени

  • by

Само така ми прелета во мислите

подлабоки од длабочината,

потемни од очите на ноќта.

Се прашувам – од каде изникна љубовта?

Од срцево ли мое, клето

недоделкано за љубење, растреперено?

или пак од очиве мои тажаленки

опиени од мирисот на солзите

кои гледајќи те пред себе

безнадежно го допираа ритамот во кој заспиваш ти?

И гледам како на душа ми оставаш празнина,

голема и тешка, иста како љубовта твоја – темнина.

Ах темнино светла, ах светлино темна,

Како да те наречам?

Ти болко моја низ коски, горчино моја,

пријателке на секојдневието необлагодарено,

тажно, осамено, болно, напатено и оттуѓено од животот.

Ти немирна солзо, исчезни!

Дозволи стиховите мои срцево да му го стоплат,

да го закрепнат, облагодарат, утешат и успокојат.

Дозволи ми ти, болко, ти бескрајна тајно

да продрам до убавините твои беспрекорни,

та да ме опие мирис магичен посвеж од утрото,

да ме освои гласот позвучен од бурата,

да се изгубам во очите негови,

или во ноќта, но при него.

И одејќи низ тие стари рушевини

наслушнував како скршените срца на галебите млади,

овенати од љубов,

немо говорат за плачот љубовен

чиј сведок беше хоризонтот огромен

од кој силна бура ми го распарчи срцето

во чија развиореност

слушајќи го немирот на молњата

се присетив на тебе.

Твојата сенка повторно ме врати во сегашноста

од која сега како галебот огорчен од љубов,

со празно срце ги гледам нашите спомени,

далечни, а сепак блиски,

сведочат за љубовта моја сега потонета во сонот,

запловена во длабочините на морето

споена со неговите далечини и неизмерни длабочини

окована и фрлена во бурниот, моќен океан.

Автор:
Шифра: „@444“

Напишете коментар