Skip to content

Танцот на мислите

  • by

Ја соблеков мојата кожа,

газам боса,

ветерот ја милува мојата душа

и одам, овојпат со нозете мои.

Наместо коса-цветови,

Наместо усни-лисја,

Наместо душа-ветрови,

Наместо дланки-гранки,

а јас лебдам,

лебдам како облак на небото.

Копнеам да живеам како боем,

со живот не толку ефемерен,

зашто сум како лице без очи

со физиологија-лето,

а душа-влага.

И кога смртта ќе го допре животот,

а животот смртта,

венеам, ни жива ни мртва,

на мислите жртва.

Како крушка скапувам,

како цвет венеам,

во тело жолто

со син разум.

Ни песната ја буди душата моја,

Ни надежта животот,

ни животот надежта…

Музата ѝ шепти на мојата душа,

Додека мислите танцувајќи  ми венеат

И стихови сеат,

Но нема ни строфа, ни песна

само празни пориви.

Сложувалка која не  можам да ја вклопам,

зашто загубив засекогаш едно.

Остана само дланката,

испружена во мракот.

Надвор од себе си,

Непостојани чувства ме будат.

Кој е тој? Странец или сакан?

Сакам странец,

повеќе од што сум сакала сакан,

мозокот ми се суши,

но солзите не

А срцето го голта мојот разум,

додека не остане ништо друго освен ти…

Ќе ги земеш ли моите гревови?

Ќе ги ставиш ли на твојата кожа?

За тие да светкаат, но горат.

Ќе ме сакаш ли?

Кога бледото лице ќе ми се претвори во кал,

а телото ќе ми стане како есента?

Зашто јас ќе те сакам,

И те сакам, ти забрането овошје!

А сепак копнеам по уште еден загриз.

Солзите пржат,

душата во тага ползи,

трча по мислите сопствени

за себе си да се искорени,

А јас тлеам во пустината,

единствен цвет,

и сепак никој не ме сака.

Ни солзите може да плачат,

ни зборовите да ги искажат,

мислите кои ме мачат

зашто тие се како лисја низ кои ретко ѕирка плодот.

Сега само остри ножеви чувствувам

на мисли кои ме лажат…

Затоа обој ме!

Обој ме во многу повеќе од совршенство!

Да можам да живеам во глад не нахранет,

кисел, но сладок.

За кога последниот никулец ќе ми умре,

душата да ми ја има и утре.

Автор:
Христина Костовска

Напишете коментар