Skip to content

Најголемиот (не)пријател и противник на себе – си самиот ТИ

Здраво, повторно! Спремни за паузирање? Денес папата од Рим е на посета во земјава па можеби сте излегле да го пречекате и да присуствувате на неговиот говор. Или пак можеби сте останале дома и сте следеле преку екраните или воопшто не ви прави разлика тоа што е „актуелно случување“ и си ги „терате“ дневните активности, нешто налик мене на пример. Сабајлево многу ми беше тешко да се разбудам затоа што вчера заглавив скоро до 4 наутро занимавајќи се со мојот „ракопис“.

Многу сум ентузијастички настроена, нешто длабоко во мене ми вели дека треба да се посветам максимално во тоа што го правам, а јас секогаш си ја слушам мојата интуиција. Верувајте дека таа е непогрешлива во добар дел од случаите. Сега да се навратам на првичната замисла за овој мој денешен монолог.

Сте го слушнале она дека како што можеш да се зезнеш самиот не може никој да те зезне? Или она дека ти самиот себе си си најголемиот непријател? Јас тоа само ќе го потврдам. Тргнувајќи од сопственото и лично искуство низ текот на годините научив едно: самите на себе сме најлоши и најостри критичари како и поддржувачи. Дека единствената личност со која можеме вистински да се натпреваруваме сме самите НИЕ. Зошто го велам ова? Сега ќе го поткрепам со аргументи.

Прво, никогаш не можеш да бидеш сто проценти сигурен колку другите се подобри од тебе или колку си ти подобар или полош од нив. Имате различни постигнувања дури и во иста област, различен животен пат како и работи што се случувале по тие патишта. Со самото тоа, ако нешто за некого е успех, тебе може да ти изгледа како наједноставна „задача“ што си ја поставуваш и исполнуваш во текот на денот со леснотија. На што мислам со ова? Да земеме пример со двајца кои се наоѓаат на патека за трчање од кои едниот е аматер и почетник, а другиот е веќе долгогодишен спортист и редовен маратонец при што учествувал на многубројни натпревари за трчање и освојувал награди.

Она што е цел за тој што е аматер може да се нарече „мачкина кашлица“ за спринтерот. Доколку се тркаат, погодувате кој ќе победи, нели? Но тоа не значи дека самиот почетник не е успешен во тоа што го прави. Ако претходниот месец едвај трчал до 2 километри сега без проблем истрчува дури и 5км без многу голем напор. Така што, тоа е успех за него, но не може да се спореди со успехот на маратонецот. Како прво затоа што не се на исто рамниште, не почнале со спортување во исто време, немаат исто искуство, како и најверојатно почнале да трчаат од различни причини и со различни цели.

Второ, ова води до мојот заклучок дека не можеш да се натпреваруваш со другите како што можеш со себеси. Се познаваш целиот свој живот и мора да бидеш искрен пред себеси доколку сакаш да напредуваш. Точно знаеш кои ти се предности, а кои слаби страни и знаеш што би било пречка на патот кон твоето „напредување“. Знаејќи ги сите овие податоци и информации ти знаеш што си постигнал од порано до денешниот миг, колку многу труд, време, залагања си вложил за сето тоа, единствено ти знаеш за твоите одрекувања, искушенија, болка, потење, страдање и сè што се појавило низ твојот процес на постанување она што си сега. Да подвлечам: не се мисли овде само на спортување, туку општо на било кое постигнување во животот од било која област и сфера.

Трето и последно, единствено само ТИ можеш да направиш споредба на она што било претходно и она што е сега, кога е во прашање твојата способност и твојот личен успех. А, велам, твојот успех е твој личен триумф, колку и да бил тежок патот кој си го поминал за да дојдеш до него. Не можеме сите да бидеме подеднакво успешни или неуспешни, секој е успешен на свој начин. Можеби мене ми е многу лесно да станам, да се расонам и да седнам да ја напишам колумнава за половина час, но некој би се мачел цели три часа за да напише едвај десет реченици. Но, тоа нè прави различни, а различностите се убави. Затоа што можеби ќе се мачиш да составиш десет реченици, но можеш без леснотија да решиш многу компликувани математички задачи за брзо време, нешто што јас не би го можела толку едноставно.

Мислам дека ја сфативте поентата на целиот тој „натпревар“ со себеси. Лично јас, целиот живот се натпреварувам со себе. Сум водела „тешки битки“, но секогаш сум излегувала како победник од нив. Затоа што мојата волја да се надминам себе и да се дигнам над сите пречки и проблеми била многу поголема од целата тешкотија во која сум се наоѓала. Секогаш кога некој друг на мое место би се откажал, јас продолжував. Затоа што сум борец по природа и голем оптимист односно реалистичен-оптимист. Со песимизмот сум скарана одамна иако многупати се обидува да ми тропне на врата, но никогаш не го примам.

Да, реалистичниот – оптимист ги согледува работите какви што се, но никогаш не се откажува и гледа позитивно на нештата во поголемиот дел од времето. И ние имаме несовршености, ох многу несовршености верувај, но сепак сме луѓе и имаме право да згрешиме, како и сите останати. И јас лично сум имала и имам моменти кога самодовербата ми е на најмало можно ниво, но тоа не ме спречува да функционирам.

Ставањето селфи или прикачувањето видеа каде што рецитирам не викаат: „јас сум најдобра и мојата самодоверба е на завидно ниво“, напротив, баш кога самодовербата ми е разнишана, јас се занимавам со активности кои ме исполнуваат, па колку и да мислам дека „не е добро тоа што го правам“ или „можам јас и подобро“, јас имам смелост да го објавам тоа во јавност и да поднесам секакви можни критики кои ќе допрат до мене директно или индиректно.

Досега, не сум наишла на негативна критика конкретно за објавувањето на кратки видеа на „инстаграм“, што не значи дека ги нема од другата страна на екранот, но никогаш не стигнале до мене. Како и да е, тие нема да ми го сменат начинот на кој јас одлучувам „да функционирам“ на социјалните мрежи, како што нема ни да го променат моето сопствено мислење кое го имам за себе и за тоа што го правам.

Тоа би било сè за овој монолог, малку го надминав „лимитот“ на вкупни зборови кои си го поставив како цел за секоја објава поединечно од овој вид, но не сакам ограничувања во никаква смисла, па нема да се ограничувам ниту сега. Не кратам ништо, имате можност да го прочитате секој збор во оригинална форма, од прв до последен.

Бидете уникатни и бидете подобри од вчера, ама подобра верзија од СЕБЕСИ. Како што совеста или „внатрешниот глас“ ве критикува кога правите нешто недозволено, дозволете си да се мотивирате да бидете поуспешни во тоа што го правите. И не бидете строги кон себеси. Многу добро знам како е кога си престрог кон себе. Сè што треба е да се прифатите себеси какви што сте, односно да ги прегрнете работите на кои не можете да влијаете на никаков начин, а сите оние други работи што можете да ги подобрите – подобрете ги и не чекајте! Прегрнете го сегашниот миг и ПРОМЕНАТА почнете ја СЕГА.

До следно. На здравје паузирање!

Напишете коментар