Skip to content

Денес подобар од вчера, а утре подобар од денес

Додека седев и гледав во празниот бел екран се мислев за што да пишувам денес. И сосема случајно додека размислував, свесна за тој процес, на ум ми падна мислата: „Ти си твоите мисли. Какви ти се мислите, таков ти е и животот“. И тогаш го смислив насловот. Сакав да биде т.е. да звучи некако мотивирачки, но и да ве поттикне да го кликнете.

Не сакам моите монолози да бидат „млатење празна слама“ само за да се каже дека сум имала објава на блогот. Сакам да ве инспирираат во најмала рака. Доколку ги читате, секако. Како во спротивно би биле инспирирани доколку не прочитате, било што, не само моиве „излагања“? Значи, кој е заклучокот? За да бидете инспирирани од нешто, треба да читате! Не само блогови или статии, не списанија и весници, туку покрај стручна литература треба да читате и книги. Книгите кои спаѓаат во слободна литература, а ги бирате самите вие или некој ви ги препорачал. Уште при првите страници ќе сфатите дека вие правите нешто корисно за вас и за вашиот мозок.

И после постепено, како што доаѓате до крајот на книгата сфаќате дека вашите видици се проширени, сте прочитале доста интересни па и корисни информации, сте биле во можност да ѕирнете во туѓите мисли и да учествувате како нем посматрач во нечии туѓи животи кои можеби ни малку не наликуваат на вашиот. Ја гледате магијата? За мене тоа е еден вид магија. Лично јас, како некој кој долги години се занимава со пишување, отсекогаш сум го ценела туѓиот труд, посебно во полето на пишување. Затоа што тргнувајќи од себе, речиси и да го знам процесот низ кој треба да помине авторот за да ги напише тие триста и нешто страници кои вие ќе ги прочитате за 5-6 часа, некој можеби и побрзо или пополека зависно од брзината на читање.

Или додека да ги напише тие триесет реда од некоја своја песна поминал низ многу работи кои вие не можете ни да ги замислите, а се восхитувате на тоа што имате можност да го прочитате. Можеби вас ќе ви требаат три дена или две недели за да ја завршите книгата според тоа на кое место на листата на вашите приоритети е ставена, но на авторот му биле потребни часови и часови за да ја смисли, разработи и напише, речиси и пет пати повеќе од оние кои вам ви се потребни за да го прочитате неговото дело. Епа тоа е магично.

Затоа што целиот процес е доста интересен, не е само: седни и пишувај, туку многу повеќе од тоа. Низ целата „голгота“ авторот расте заедно со ликовите давајќи им живот, давајќи им имиња, карактеристики, па уште многу други подробности кои се поврзани со самите ликови, а да не зборувам и за дејствието кое треба да се одвива прво во главата на писателот, а после тоа и да најде начин да го пренесе и да го прилагоди како што треба и сите пропратни елементи кои треба да се осмислат. Најважно е уживањето низ кое поминува авторот додека го создава своето дело.

Крајниот резултат може да произлезе како последица и на тажни настани, доживувања и емоции, но сепак кај читателот да буди восхит, па дури и позитивни чувства. Ете тоа е моќта која лежи во творењето. Исто како што уметникот има моќ да разбуди чувства со некоја негова слика или како што фотографот има способност во вистински момент да овековечи фотографија која може да ти го смени дури и животот. Па, дури и архитектите имаат некаква слична моќ. Архитектот е оној кој им вдахнува некаков „живот“ на предметите и градбите, оставајќи личен печат на нив.

Што ми беше цела на ова погоре? Дека во сè може да се пронајде инспирација и сите ние во нашите животи сме на некоја начин креатори. Првично, креатори сме на сопствениот живот повеќе или помалку, секако откако ќе ни го подарат. После тоа, го креираме нашиот ден, (не)извршувањето на нашите обврски, задачи и слично. Правиме планови и остваруваме некакви наши (не)замислени цели. Ги креираме и нашите мисли. Колкава што е нивната моќ исто толку и ние имаме моќ да ги контролираме нив. На ова би го додала тоа што го кажав на почетокот дека какви ни се мислите таков ни е животот.

Ако ние се трудиме да бидеме подобра „верзија“ од себеси поставувајќи си предизвици со кои ќе се предизвикаме да бидеме поуспешни во нешто, неминовен е некако исход, да не речам успех. Успехот секако ќе дојде, порано или подоцна доколку настојувате во натпреварот со себе.

Како што за писателот успех ќе биде да дојде до последниот збор од последната реченица за да го заврши својот роман, уште поголем успех за него би бил да има многубројна задоволна читателска публика. Значи, чекор по чекор.
Тој додека пишува ги има во предвид читателите, но крајниот исход кој можеби би бил најпосакуван– да биде на пример неговото дело бест-селер му е на последно место. Зошто? Затоа што ужива во процесот на творење првично за себе, затоа што е креатор на некој имагинарен живот кој тој можеби никогаш не го живеел. Ова според мене го прави еден писател подобар од оној кој првичната цел со која седнува да пишува е да напише најпродаван роман.

Да се биде подобар од вчера, а утре подобар од денес е неверојатна тешка задача. Затоа што животот не е бајка, а ние сме само обични смртници со свои несигурности, слабости, сомневања…Најважно е да продолжиме да пливаме во море полно со ајкули. Да не престанеме да се движиме затоа што кога прекинуваш да се „движиш“ ти стоиш во место. А, некаде прочитав дека: „најтешката работа на светот е да не работиш ништо“.

Пливај и не запирај – би била мојата порака до секој кој ќе ги прочита овие редови.

До следно. На здравје паузирање!

Напишете коментар