Skip to content

Некогаш е подобро да молчиш

Денес беше од оние денови кога немав инспирација за пишување, затоа што мислев дека немам ништо паметно да кажам. Денот ми помина прилично брзо, се занимавав малку со чистење и ги правев последните подготовки за посета на саемот. Знам само дека лани не го посетив и ми беше многу криво, но паричникот така имаше наредено. Па, за оваа година да не биде така штедев колку да можам да појдам и сосема малку да биде подновена библиотеката. Иако имам ограничен буџет, уште сега се радувам што ќе имам шанса да се наоѓам во таква атмосфера преполна со книги.

Кога подобро ќе размислам, денес не ми се ни зборуваше нешто многу, но јас не сум јас ако не си го кажам моето мислење. Некогаш знам да бидам толку сурово искрена што можеби и соговорникот може да биде збунет. Мојот начин на пристап е секогаш отворен и директен и најмногу од сè мразам лажење, сплеткарење и дволичност. Отврено кажано не сакам луѓе од типот „едно мислам, а друго кажувам“. Само оние кои се искрени и директни ќе можат да разберат за што пишувам. И не секогаш ова е добра карактеристика. Ние знаеме дека нашата искреност може да нè чини многу, односно да ја платиме прескапо цената на тоа што сме биле искрени. Затоа, некогаш јазикот треба да не биде побрз од умот, или што би се рекло: „два пати мери, еднаш сечи“.

Баба ми вика дека сè може да се исчисти и поправи, но она јазикот што ќе го каже никогаш не може да се избрише. И не може да биде во право повеќе од ова. Оваа нејзина мудрост секогаш треба да ни е на ум. Посебно тешките зборови, еднаш кажани – засекогаш остануваат такви, па дури и да бидат заборавени. Но, по некое непишано правило, некогаш луѓето повеќе ги паметат лошите и тешки зборови, додека оние убавите како да ги забораваат.

Сметам дека секој носи одговорност за она што го зборува. Нема ништо попривлечно и поубаво од човек кој си стои на зборот и го исполнува она кое што го ветил. Сè друго е празно ветување и „млатење празна слама“.

Како за крај, да се потсетиме: „еден лош ден не значи и лош живот“. Затоа што кога ќе погледнеме од друга перспектива, дури и во лошиот ден сигурно може да се случи нешто убаво. Никогаш не е постојано сè црно или сè бело. И во белото има малку црно, но и во црното малку бело.

Овде ќе се одјавам. До следно. На здравје паузирање!

Напишете коментар