Skip to content

Соништата се синоним за живот – Викторија Саздовска

  • by

Од соништа се живее. Тие мали гласови во твојата глава и визии што ти кажуваат што навистина сакаш во животот. Тоа кога се гледаш себеси некаде, на некое место од кое отсекогаш си сакал да бидеш. Кога сонуваш да станеш најдобар фудбалер и да играш за најдобриот тим, кога сонуваш да станеш извондреден писател за кој сите ќе зборуваат, кога сонуваш да постигнеш некоја друга цел, тоа се вика сон. Тоа те одржува во живот и секој ден со изгревот на сонцето те потсетува дека треба да се бориш и никогаш да не се откажуваш.
Толку е убав овој свет, си велиш. Твојата душа е полна со среќа.
Сакаш да скокаш од среќа. Сакаш да се смееш, да им кажуваш на луѓето колку ги сакаш како човечки суштества воопшто. Чувствуваш како твоите крилја почнуваат да растат. Наивно веруваш дека никој не може да ти ги пресече.

Пролетта влегува во твоето тело и едноставно цутиш. Потоа за миг застануваш. Ја согледуваш таа сурова страна на животот. На дваесет и првиот век.
Ти ,,плескаат” една сурово-болна вистина во лице. Светот не е фабрика за исполнување желби, ти велат. Ти велат дека твоите соништа се преголеми за да се остварат. Едноставно те убедуваат дека тоа е невозможно. А всушност тие први би ги сонувале, само да имаа малку повеќе храброст. Ти застануваат на патот и не ти дозволуваат да се развиваш, бидејќи едноставно твоите соништа не се совпаѓаат со идеалите на овој свет. Со идеалите на тие себични луѓе. Ги заплашуваш на тој начин. Ти не се вклопуваш во тие непишани правила, кои според нив, би требало да ги следиш. И тука сфаќаш колку светот е траги-комичен. Срцето ти е полно со тага и сфаќаш дека тие со своите ножици, веќе ти ги одземале тие прекрасни крилја.

Во тој миг се чувствуваш како млада пеперутка која паднала на земја. На која крилјата ѝ се пресечени. Таа не може да полета, а ужасно го посакува тоа. И наместо да се обиде, таа засекогаш останува поразена од судбината, така седната на таа горка земја чекајќи да ја зграби и да ја претвори во песок. Да ја одведе некаде далеку, можеби во некој поубав свет, со посовесни луѓе, каде што наместо да ти ги сечат крилјата, ќе ти помогнат да ги развиеш.

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар