Skip to content

Помеѓу зборовите и делата, долг е патот

Од зборот до делото, патот бил долг. Или помеѓу зборовите и делата, долг бил патот. Епа не можам, а да не се согласам со оваа поговорка. И на ова би можело да се додаде: „помалку зборови, повеќе дела“. Некој мудар рекол дека подобро е да молчиш доколку немаш нешто паметно да кажеш. И тој бил потполно во право. Сепак, подобро е кога делата зборуваат сами по себе, некако се погласни од секој кажан збор, нели?

Не викам да се молчи по секоја цена. Јас сум од тие кои би ви рекле да бидете гласни доколку го искажувате вашиот став за кој сметате дека е правилен.  Да настојувате да се држите до него, но и да замолкнете доколку тоа е најправилно. Според процената на ситуацијата вие најдобро ќе знаете кога е вистински момент да се чуе или да не се чуе вашиот глас.

Секој збор кој излегува од нас би требало да е добро одмерен и да е направена проценка како би било кога би бил упатен кон нас. Добро ќе беше доколку и јас самата сто процентно се раководев според ова што го пишувам. Ние сме човечки суштества и секогаш не можеме да предвидиме однапред што би предизвикале нашите зборови кои сме ги упатиле кон тој што ги прима. Важно е да го мислиме тоа што го кажуваме. Треба да веруваме и самите во тоа, а да не зборуваме колку само да се најдеме во муабет.

Постојат ситуации кога и самата сум се нашла во ситуација кога сум зборувала „отповеќе“. После тоа сум зажалила што воопшто сум дозволила да не се исконтролирам и да си „го врзам“ јазикот. Затоа што еднаш кажан збор никогаш не може да се врати назад, колку и да се каеме и да се обидуваме да го „повлечеме“. Она што е најважно, според моето скромно мислење е дека доколку не се „филуваат“ нештата кои излегуваат од нас и ако се кажани од срце и стварно ги мислиме, тогаш не би требало да се каеме затоа што тие се нашето оружје.

Ако вашите зборови бидат злоупотребени и свртени против вас, запомнете дека тие се лично ваши и дека цврсто стоите зад нив. Доколку сте во право и доколку никому не сте нанеле штета изјавувајќи ги, вие сте на вистинската страна.  Останатите можат само да сплеткарат без да бидат целосно свесни каде може да ги однесе тоа нивно „сплеткарење“. Затоа што кога го говорите тоа што го мислите, а плус тоа е и искрено, не ви е ни грижа дали некој тоа би можело да го злоупотреби. Бидејќи вие сте чисти, заедно со вашата совест, вашите намери и мисли.

Секој треба да се држи до својот став дури и кога мнозинството не се согласува. Затоа можеби токму мнозинството е на грешната страна. Кога ќе ја прочитам поговорката: „помеѓу зборовите и делата, патот е долг“, ми текнува на нашите политичари. Но, на нашиот блог „политиката“ е строго забранета тема, затоа не го образложувам понатака моето мислење. Нема да го валкаме ова прекрасно катче со теми кои не му доликуваат.

Би заклучила со ова: дека можеме да зборуваме три дена и три ноќи без прекин, но доколку не го исполнуваме она што сме го зборувале, сè паѓа во вода. Потребни се дела и акции, а зборовите само да се еден вид поткрепа. Како некој вид на „пролог“ за она што ќе го оствариме. Затоа, делата нека бидат најгласна бука која ќе излегува од нас. Така што доколку зборовите се нашето оружје, делата нека бидат нашиот штит.

До следно. На здравје паузирање!

Напишете коментар