Skip to content

Искра надеж во грст немоќ – Викторија Саздовска

Не се предавај. Еј човеку, ти. Да токму ти што го читаш ова. Што седиш пред екранот и полека со прстите одиш сè подолу и подолу за да ја дознаеш целта на напишаните зборови. Да токму тебе сакам да ти кажам да не се предаваш. Знам дека токму ти имаш свои соништа што сега во овој момент ти светкаат во очите и те скокоткаат по стомакот за да станеш и да ги направиш реалност. Ти предизвикуваат страв бидејќи се плашиш дека можеш да наидеш на предрасуди. Немој, те молам немој да се откажуваш. Можеби ти дале отказ, или пак ти кажале дека едноставно не те бива за нешто. Но, не е така. Обиди се да сонуваш. Тоа е првиот чекор. Верувај ми. Те уверувам дека ти можеш да го докажеш спротивното. Ајде, стани и бори се. Ајде. Те предизвикувам на борба.

Да токму ти кој можеби плачеш во овој миг или се трудиш да ги заробиш мислите упорно гледајќи во светлината која доаѓа од екранот, избриши ги солзите и продолжи понатаму. Зарем мислиш дека личноста што те повредила е вредна за твоите солзи? Не, но верувам дека ја сакаш бидејќи рониш крупни солзи. Верувам дека не е лесно да го избришеш она што те натерало така силно да плачеш, но сети се дека ти си човек. Ти си поголем од оној што ти нанел голема болка. Запомни дека срцето зборува. Срцето ти кажува што треба да направаш. Тоа чука во твоите гради со причина. Немој да ги загушуваш неговите моќни зборови. Те уверувам дека можеш храбро да се соочиш со сè што ќе ти застане на патот. Верувај ми. Само избриши ги солзите и поправи ги нештата на подобро. ТИ го можеш тоа.

Еј, човеку. Да, ти што се насмевнуваш бидејќи со мислите си во некои убави времиња, ти посакувам да останеш засекогаш така насмеан. Да се радуваш на животот. Длабоко да вдишиш од неговиот опивен мирис и да се радуваш на истиот. Да ги собереш розите на среќата во својата градина и вниматено да ги одгледуваш. Не заборавај дека сè поминува. И доброто и лошото, па колку и ние тоа да не го сакаме. Но, запомни дека среќата зависи од тебе. Таа е во тебе. Не треба да пропатуваш мориња и планини за да ја пронајдеш. Таа е во тебе. Таму мирно спие цело време.

 Еј ти човеку што некако замислено и разочарано гледаш во овие зборови, знај дека болката не трае вечно. Проблемите исто така не се вечни. Ја разбирам зимата што владее со тебе, но не треба да очајуваш во никој случај. Знам дека повторно те разочарале и солзите едноставно пресушиле. Ти тежи нешто во грлото, но не знаеш како да го искажеш. Немаш ниту зборови, ниту солзи. Мора да си помогнеш, а јас те поттикнувам тоа да го направиш. Запомни дека во тебе тлее оганот на возбудата и на среќата кој само треба да го разгориш. Полиј го со бензинот на надежта и гледај како ти ја топли душата. Како ги гори тие црни мисли и те враќа во живот. Ти го можеш тоа.

Еј човеку што си осамен, што мислиш дека не си доволен. Да, тебе ти се обраќам. Тебе што се обидуваат да те убедат дека никогаш нема да бидеш она што сакаш. Ох, не. Немој. Немој, проклето не им верувај на тие луѓе. Нормално дека ќе зборуваат. Луѓе се, такви се, со змиско срце што се хранат со туѓата болка и немоќ. Но верувај ми на мене. Ти си доволен. Ти си повеќе од доволен. Ти си прекрасно суштество кое треба да се осмели цврсто да застане пред сите нив и да се насмевне. Треба да бидеш цврст и да не им дозволиш да ја променат твојата оригналност. Верувај дека патат поради тоа што тие се копии еден на друг. Те поттикувам да бидеш различен во овој свет исполнет со црно-бели копии, кои уморно чекорат во секојдневието со голема доза на меланхолија.

Сите вие што го читате ова знам дека имате своја приказна, како и јас што го пишувам. Сечам дел од срцето за да всадам надеж кај секој од вас. За да ве поттикнам да се борите, за да го направам вашиот ден поубав. За да го променам светот еден ден и тоа со зборови. Бидејќи ако тие се користат правилно можат да направат големи промени, а некогаш можат и многу да повредат. Затоа немојте. Никој од вас да не се предава. Знам дека очајно се потребни вакви зборови. Затоа ви велам дека ако денеска нешто не оди како што треба, запомнете дека во годината има 365 дена кои чекаат на вас. Запомнете дека секогаш постои ново изгрејсонце, посјајно од претходното во чии зраци е запишан вашиот успех.

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар