Skip to content

Играј за победа – Викторија Саздовска

Се прашувам дали сонцето го губи сјајот кога ние паѓаме? Дали ѕвездите замислуваат желби, исто како ние што правиме кога тие паѓаат? Се прашувам каде тоа, во кој дел во човековото срце е запишан поразот како неизбежен сегмент од крајната победа?

Толку се плашиме дека ќе паднеме што падот ни е загарантиран со самото тоа. Велат дека она од што најмногу се плашиш ќе ти почука на врата. Си помислив што кога ќе паднеш? Како сега да го достигнам врвот повторно, а бев толку блиску? Ја наведнав главата и го прифатив поразот. Седев на земјата исполнета со прав и гледав кон ѕвездите. Ги запишував сите мои соништа едно по едно. Но, видов дека тие не се остваруваат само со нивното запишување. Моето тапкање во место и сожалување не направи тие да се остварат. Ја испружив раката кон небото и ширум ја отворив дланката, но тие беа толку недостижни. Ох, Боже, си помислив. Јас никогаш нема да бидам она што посакувам. Горкиот пораз во поминување ми рече дека уште долго ќе останам тука и уште погорко се насмевна. Се прашував зошто не можам да ги достигнам моите соништа што сега ги испратив толку високо. Срцепарателниот одговор беше дека јас бев премногу ниско.

Тоа беше одлучувачкиот момент. Животот ми даде мотивација. Во овој лош свет, му благодарам на животот што ми го испрати. По ветерот ми испрати нечии бакнежи, сини очи полни со сјај и жар за борба, ми испрати звуци кои велеа дека нема ништо да се оствари доколку продолжам така да седам и да ги гледам соништата како му се остваруваат на некој друг. Решив тоа да го сменам. Ги стиснав дланките и го насочив погледот кон целта. Срцето силно затупоти во моите гради, душата воскликна во голема среќа. Целото мое битие се израдува бидејќи тргнав во повторна борба и овој пат играв за сигурна победа.

Сфатив дека тоа сè од себе понекогаш не е доволно за да го постигнеш она што го сакаш. Треба повеќе од тоа сè да понудиш. Треба да исечеш дел од својата душа, од своето срце и да ги понудиш на патот кон целта. Треба да веруваш во себе и кога целиот свет ќе се заврти и во еден глас полн со завист ќе ти рече дека тоа не е возможно. Не треба да му веруваш на поразот кога ќе дојде до тебе и ќе ти шепне дека е невозможно да го претвориш во победа. Не ги затворајте ушите пред тие извици на светот и пред неговите критики. Слушај многи критики, дузина болни критики и претвори ги во сила и мотив. Гледајте ги во очи оние што не сакаат да успеете и покажете им кој е најдобар. Внимателно погледни кој е најдобриот и стани подобар од него. Стани подобар и од најдобриот. Бидејќи она чувство кога знаеш дека си го остварил твојот сон е неописливо. Тогаш ќе можеш да видиш како тие луѓе што ти викале дека дури и да дадеш сè од себе нешто што не може, не може, ќе видиш како се плашат да сонуваат бидејќи сметаат дека едноставно не го можат тоа. Сметаат дека ете по игра на судбината баш тоа нешто е невозможно за нив. Ох, како може некој толку да нема доверба во себе? Ништо не е невомозжно. Ако проклето го сакаш нештото што и да е невозможно ќе стане возможно и тоа како. Ве уверувам.

Живот и навидум судбината се отворени за нови победи, луѓето не се. Од врвот ќе го видиш дното каде долго време си бил заробен. Ќе погледнеш нагоре кон ѕвездите и ќе видиш како светкаат бидејќи во нивниот магичен сјај е запишан твојот сегашен успех. Ќе ги затвориш очите и ќе си заблагодаруш на себеси за сè што си издржал. Ќе му подадеш рака на твоето срце-јунак за сите повреди што ги издржа. Тогаш ќе сфатиш дека животот те променил. Од губитник што дал сè од себе и повторно не успеал, си станал најдобар. Твојот сон е остварен.
Ти си на врвот. Животот мора да ти покаже и болка и пораз и солзи. Но твојот збор е последен. Ти диктираш дали ќе останеш на дното и беспомошно ќе чекаш победата, на некој магичен начин, самата да дојде кај тебе или пак како феникс ќе се издигнеш од поразот и болката и ќе го освоиш светот. И тогаш уште еднаш на поминување мојот единствен пораз, со горчлив поглед и цигара во раката ми рече: ,,Ти секогаш победуваш во битките.”

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар