Skip to content

Оружјето за непробојните мисли – Ивана Балтовска

  • by

Понекогаш, единственото нешто кое ти е потребно е само еден поглед.
Поглед, кој може да ги оттгрне сите оние мисли кои се мотаат низ таа твоја глава….Честопати размислуваше. За некои проблеми кои не ни постоеја, за различни стравови кои немаа никаква основа и во реалниот свет не заземаа место. Оној кој мисли е секогаш за чекор поблиску до тагата, отколку оној кој не им дозволува на мислите да го окупираат неговиот мозок. Можеби требаше да го направи истото.

Да се препушти на заборавот, кој претставува една голема ливада, полна со зелена трева во изобилие. Гледајќи го зеленилото, опуштајќи ги своите очи и ум, уживајќи во планинскиот воздух, немаше потреба да чувствува вознемиреност нели? Им завидуваше на оние кои не се преокупираа со ништо. Впрочем, го искористуваа сегашниот момент, не мислејќи на иднината и на се она што е можно да се случи утре. Затоа што утре може да биде премногу доцна, а денес- не е никогаш ниту премногу доцна, ниту премногу рано.

Времето беше секогаш голем непријател на мислите. Тие се редеа една по друга, а часовникот течеше. Минутите се нижеа една по друга, како што се нижеа и мислите паралелно со нив. И тогаш, сфаќајќи дека се наоѓа во затворен простор, обиколена со толку многу непотребни грижи, си дозволуваше мало бегство. Заталкување, надвор од железната ограда. Неговиот поглед беше доволен за да ги убие непријателите, со својот невидлив меч и сите оние мисли, кои како низ магла гледаа, не успевајќи да ги видат раскошните убавини кои се пружаа пред неа.

Насмевката беше како магнет, бидејќи кога истата ќе ја нацрташе на своето лице, истовремено ја привлекуваше нејзината насмевка. Тоа беше најубавото место на светот, место во кое нејзините мисли, кои потекнуваа од најразлични насоки, наеднаш се стопуваа како снег, кој потоа се претвора во вода и на крајот испарува, претворајќи се во воздух. И тоа беше она што ѝ требаше. Место од нејзиниот ум, кое секогаш беше складиште на она најубавото.

Една помисла на најубавото нешто на светот беше доволна да ги уништи и замрзне сите оние мисли, кои како комарци се насочуваа кон човечкото тело, сакајќи да цицаат крв. Но, крвта која ѝ беше одземена од нив, се враќаше веднаш, во двојно поголемо количество, кога оние очи во кои го наоѓаше вечниот спокој ја погледнуваа. Макар тоа било и на неколку секунди. Тогаш, времето не постоеше.

Ивана Балтовска

Напишете коментар