Skip to content

Неоснованиот страв – Ивана Балтовска

  • by

Кочницата на велосипедот е секогаш она кое го спречува малечкото дете да се спушти по стрмната удолница. Со секое нејзино повлекување, велосипедот запира, застанува во место и веќе не оди понатаму. Зошто мора да постои средство кое е наменето да те однесе до целта, а сепак постои кочница чија намена е во истото да те запре? Навидум е лесно да се спушти по удолницата, а тешко да се искачи по неа. Но, дали е тоа така? Што ако на крајот од удолницата стои море со смртоносни алги, бездна без дно? И која е онаа кочница, препрека која тлее во душата на секое човечко битие и го спречува да прескокне преку огромното море или големата бездна? Чувството на страв. Страв од непознатото. Од она што може да нè снајде, а можеби и не. Во коктелот на емоции на човекот, стравот секогаш ќе се смести и удобно ќе спие меѓу останатите негови чувства, знаејќи дека засекогаш ќе егзистира таму. Затоа што се чини дека колку и да сакаме, не можеме да го исфрлиме надвор од нас. Како црв во скапано јаболко, кој никогаш не излегува од него, така и тој проклет сопатник на човекот оди рака под рака со него, следејќи го како сенка.
Кога и да се свртиш зад себе, секогаш ја гледаш својата црна сенка. Црна нели? Никогаш не е бела, розева, жолта… Секогаш е црна. Проклето црна како и стравот да се свртиме назад и да погледнеме кон минатото. Минатото е зад нас и одминува и останува зад нас со секој чекор напред, сегашноста со нас, а иднината пред нас и со секоја стапка напред се приближуваме кон неа. Не знаеме што нè очекува и не секогаш сакаме да предвидиме што е скриено во дланките на иднината, бидејќи стравот од неуспех и разочарување е онаа рака која секогаш нè враќа неколку чекори назад.

Вистината боли, но подобро да боли вистината, отколку да теши лагата. Но, поради самиот страв да ги отвориме очите и со широко отворени очи да погледнеме кон сонцето, стравот доаѓа зад нас и ни ја става црната прекривка на очите затворајќи ни ги полека, бидејќи нас ни е страв дека сонцето ќе ги изгори нашите очи. Затоа што сакаме да лебдиме во сонот од кој не сакаме да се разбудиме. Најлесно е да се држат очите затворени. Но, забораваме еден многу важен факт. Оној кој седи само во темнина, не знае дека постои светлина и се плаши од неа. Страв од непознатото. Страв од она кое што се крие во Пандорината кутија, полна со изненадувања.

Илјада прашања, а ниту еден конкретен одговор. Насочени сме кон градење скептицизам кон се што постои, или кон она кое што можеби не постои, а е причина за неоснованиот страв. Постојан сомнеж, скепса од кое сè произлегува и сè се враќа во него, како бесконечен вртолог. А од него, произлегува стравот, како второстепен производ и владее со нашиот разум кој е под целосно ропство од храбриот владетел. И не , не можеме да се ослободиме од него.
Понекогаш, еден чекор е доволен да се премине границата од рајот кон пеколот, но правењето на тој чекор е едно од нештата кои се речиси невозможни.

Автор: Ивана Балтовска

Напишете коментар