Skip to content

Воскресение на вистинските вредности

  • by

Повторно ја ставам душава на хартија. Нејзините зборови обвиени со различни емоции ги претворам во нешто што може да се почувствува. Во една целина што може да се поврзе со зборовите на друга душа и да создадат еден мозаик од чувства. Гледам низ призмата на разумноста кон животот, кон насоката во која тргнал светот и не ми се верува какви чудовишта и безживотни места гледам. Каде се луѓето со душа, со срце, со емоции? На кои патишта светот волку се променил па мислиш станал фотокопир што произведува пари и злоба, а како влог ги користи човечките емоции?

Гледам дека човечноста се ставила на продажба за да се добијат пари, за да се добие нешто материјално. Срцето и душата небаре на кило се продаваат по улиците, за да се оди во пеколот со таа постапка на навидум разумни луѓе. Не можам да поверувам светот по каква патека на (само)упропастувањето чекори. Но во таа темнина гледам и блескава светлина. Човечките души што молат за спас, оние души што сепак останале да преживуваат во ваков свет. Оние души што своите соништа не ги продале за пари.

Чудно е каква е таа сила што го води човекот напред од ден во ден. Што му дава моќ и надеж да продолжи напред и после најголемиот бродолом на неговата душа. Навистина е магично и истовремено неверојатно како силата на човекот е синоним за пиреј. Но потоа сфаќам дека тука лежи големина на човекот луѓе мои. Во тоа да се биде ранет, да се биде повреден и да се стане уште подобар. Да се сака уште повеќе, да се биде отворен кон ваквиот свет, да се почувствува болка и истата да се победи. Да се дојде очи во очи со стравот.

Да се има чувства, емоции, срце и душа што сакаат да прават добри дела, во тоа се крие големината на човекот. Што корист ако се преправаш дека си лош? Бидејќи знам дека нема лоши луѓе, има само онакви што одлучиле да бидат лоши. Што ако погледот го наведнуваш кога некој ќе сака преку очите да ти ѕирне во душата и да дувне во твоите прикриени емоции за да се разлетаат на сите страни и да се види нивната магија?

Затоа оваа прилика ќе ја искористам за јас да ги потпалам твоите емоции. За да ја откријам храброста што тлее во тебе, а можеби не си ниту свесен. Биди борец и соочи се со секој страв. Биди човекот што со гордост ќе каже дека бил повреден, дека се соочил со тоа и дека го победил. Биди човекот што ќе биде оригинал наспрема сите овие бледи копии испечатени на листови од меланхолија со сивило во буквите.

Биди човекот што ќе сонува, што ќе се осмели да живее, што ќе им пркоси на правилата, што ќе се осмели да биде свој, што гордо ќе го искаже своето јас. Што ќе биде храбар и што ќе дава љубов на секоја раскрсница од животниот пат. Секако дека на истата таа раскрсница ќе има и трње и мочуришта. Во тие мигови кога ќе дојдеш до нив ќе бидеш повреден, изигран, дури и победен во еден миг, но кога ќе стигнеш до таму запомни дека тоа не е твојата крајна дестинација.

Навооружај се со мечот на храброста, понеси го факелот на упорноста и само продолжи да чекориш низ тој пекол. Бидејќи и јас знам и ти знаеш дека ТИ ќе победиш. Ако се гледаш себеси како победник, тоа и ќе бидеш. Но исто така знам дека во еден миг премногу ќе се измориш. Ќе помислиш дека нема веќе ѕвезди на небото, дека зората нема да дојде повторно. Ќе си помислиш дека крајот на таа болка никогаш нема да дојде. Но и тоа е за голем и храбар човек како тебе. Сети се на тие мрачни ноќи кога така си мислел, зарем и после нив не изгреало сонцето?

Не си слаб ако побараш малку време за себе, ниту пак ако плачеш. Напротив. Ако плачеш, ако чувствуваш болка, ако си се осмелил да испиеш од соковите на среќата и со полни бели дробови да му се радуваш на животот без да мислиш на тоа што ќе биде утре, се восхитувам на твојата огромна сила човеку. Затоа е во ред е да застанеш и да се одмориш. Ти си пред сè човек. Ти треба сето тоа. Дај си минимум еден ден за самосожалување и за тие капки полни со емоции што ќе се стркалаат по твоето лице, а кои се всушност зборови на срцето.

Дај си време на самиот себеси за да си ги залечиш раните, за да ги превиеш со завојот на силата, за да ставиш од мевлемот на љубовта. Но потоа така залечен, со обновена самодоверба, со љубов во срцето што си подготвен да ја дадеш, со душа што е подготвена да сака повторно и повторно, тргни во нови победи. Не се откажувај по никоја цена, бидејќи верувај ми дека на животниот пат ќе ти понудат нешто евтино, а можеби и нешто скапо за да ги продадеш своите соништа, но биди тврдолгав и задржи ги за себеси, тие вредат повеќе од сè, бидејќи само додека сонуваш со отворени очи, живееш. Мораш да сонуваш за да достигнеш одредено нешто во животот.

И запомни дека најважната диплома што ќе треба да ја добиеш на овој животен пат е дека си човек. Зарем има поголема привилегија во овој свет од тоа да си човек меѓу сите овие нелуѓе? Убиј ги сите нив со добрина, скрши го нивното его со сарказам и остани присебен. Биди човек меѓу сите овие манипулатори со чувства. Биди безрезервен произведувач на љубов. Биди силен и запомни дека и најсилните паѓаат на дното и тоа дно го претвораат во врв, само ако имаш храброст да сонуваш и да погледнеш кон ѕвездите со надеж дека еден ден ќе го освоиш небото во кое се запишани твоите сопствени соништа.

   Викторија Саздовска

Напишете коментар