Skip to content

Твоите листови ќе се вратат само нашето минато никогаш повторно

Почнуваат деновите на крцкави лисја, на жолта атмосфера, на студено време, на оној добро познат воздух што го вдишуваме, измешан со мирисот на чадот од дворовите на куќите. Почнува сезоната кога се стемнува малку порано, кога дождовите ни ги бакнуваат образите, кога студениот ветер сее семе на магија низ целиот град, кога вечерните часови се малку носталгични. Но како и сè друго во животот, така и оваа сезона ги вмешува прстите во нашите животи. Сметам дека прави договор со нашата судбина, со животот и преку есенските ветрови, успешно се шмугнува во нашите животи. Внесува драматизам и промени.

Се насмевнувам бидејќи додека седнам на студениот бетон, ми доаѓаат вакви мисли. Погледнувам кон небото и гледам како месечината побрзо излегува, гледам како ја бара својата сакана половина-сонцето. Ах, па тие се толку вљубени еден во друг. Тие се пример за тоа дека сепак различностите може да се вљубат. И колку тажно. Тие се осудени на вечна разделба. Познато ви звучи нели? Исто како во животите на луѓето. Колку е само тоа сурово.

Ја вртам главата и ја ставам дланката на градите. Вдишувам и издишувам во истата по малку меланхолична, но сепак спокојна минута. Ги затворам очите за да можам подобро да го почувствувам тој специфичен мирис кој го носи раната есен. Ох, полн е со тајни и некои нови работи. Ги отварам очите, погледот го насочувам кон тоа дрво што упорно како да бара помош од мене. Тоа толку осамено дрво, кое полека умира заробено во оковите на неизбежната тага. Гледам и се чудам. Толку е ожалостено поради заминувањето на неговите драги ливчиња.

Гледам како очајно ги ,,повикува”и ,,плаче” по нив, но тие едноставно полумртви и пожолтени полека паѓаат, едно по едно, на земјата. Со голема тегоба се откинуваат од неговите гранки. Мислиш одекнува топовски звук низ воздухот кога така изморени ќе ја допрат земјата, кога ќе се предадат на тревата. Тие откинувања навистина ѕвонат со тага, си мислам, само ако имате срце да ги слушнете, ако имате душа да ја почувствувате нивната болка. Ако имате инспирација, споена со малку луда фантазија, само за миг да се замислите и да го поистоветите вашиот живиот со животот на тоа растение, кое сепак е дел од живата природа.

Толку е тажна таа глетка. Таа промена што ја трпи тоа кревко дрво во оваа рана есен. Зошто толку рано мора да се раздели од саканите ливчиња? Зарем тие немаат иста судбина како и ние? Зарем и ние луѓето не се разделуваме некогаш без поздрав? Зарем не боли пеколно кога го кажуваме последното збогум? Така со растреперен глас и солзи во очите? Колку и време да помине, зарем срцето не го боли таа разделба? Умот ќе го заборави ли тоа како никогаш да не се случило?

Се прашувам колку сенки, од некогашните сакани што си заминале, од кои животот нè разделил распарчувајќи ги сите атоми на сила во нашето битие, останале заклучени во едно катче од нашето срце, во корупката на спомените? И нашите сакани си заминуваат од нас во даден миг и ние си заминуваме со нив. Ја спуштив главата во обид да ги задржам солзите што веќе се брануваа во очите. Срцето брзо затупоти и тогаш знаев дека се отвора кутијата на спомените. 

,,Ох, твоите ливчиња ќе се вратат. Но, некои од нашите сакани што заминале, никогаш повеќе нема да дојдат”, реков и длабоко вдишав. Се насмевнав, за да ѝ се спротивставам на болката. Замислете само колку спомени имаме. Ставете ја раката на срцето и кажете ми ја вредноста на спомените. Непроценлива нели? Знам и јас го чувствувам истото. Сите ние кои тагуваме по спомените. Знам како е кога едноставно, тие неконтролирано се пробиваат во секоја мозочна ќелија.

Кога преку крвотокот одат низ целото тело и предизвикуваат болка. Како срцето на живо да ви го вадат. Бидејќи фактот дека никогаш повеќе нема да се врати минатото, го гори срцето и не се предава додека да не го претвори во пепел. Ох драги луѓе. Верувајте ми дека ве разбирам. И јас тагувам по спомените. И вие тагувате по истите. Колку само сме биле среќни во тие мигови нели? Колку само насмевки чуваме во срцата, колку гласови беспомошно ни одѕвонуваат во ушите? Колку пати сме се загледале некаде далеку во хоризонтот и во зениците сите тие спомени едно по едно се претвориле во слика?

Верувам. Знам колку многу ви недостасуваат. Но сè тоа се променило. И мора да се навикнеме на промените. Понекогаш тоа е проклето тешко, но вие заслужувате уште поубава иднина без товарот на минатото. Заслужувате дури и поубави спомени. Заслужувате да вдишете иднина и да издишете дел од минатото. Но никогаш да не го заборавите. Бидејќи тие спомени се само ваши. Тие се без цена и никој не може да ви ги одземе. Без нив, вие сте ништо.

Знаеме дека некои нешта никогаш нема да бидат исти, некои луѓе никогаш нема да ги видиме, можеби никогаш повеќе нема да бидеме толку среќни како во тие мигови, но животот продолжува понатаму. Зората повторно ќе дојде, ливчињата на дрвото ќе се вратат, ние ќе закрепнеме, со тешко срце ќе се прилагодиме на новите работи и ќе се насмевнеме на новиот ден.

Ќе ги заклучиме спомените во срцето каде што и припаѓаат и ќе се бориме за подобро утре, за нови спомени, за посреќни ние. Ќе погледнеме кон небото и ќе издишеме. Ќе ја пуштиме солзата по минатото и со рана на душата и спомени во срцето ќе чекориме во новата зора, поздравувајќи ја иднината.

 Викторија Саздовска

Напишете коментар