Skip to content

Љубена, трофејот на Тони Морисон

Постојано ми се вртат мислите околу Тони Морисон,  американска романсиерка која почина неодамна, прва црна писателка на која ѝ е врачена Нобеловата награда за литература, писателка со беспрекорно чувство за лиризам, и според „ The Philadelphia Inquirer“ еден од најголемите лиричари во поновата американска книжевност.

Постојано мислам на нејзината „Љубена“, книгата за која ја добива Пулицеровата награда,  книгата која ме втурна во жестоката реалност на Афро – Американците и кога јас како тинејџер читајќи ја не можев да ја разберам доволно таа дехуманизација. Таа неприпадност на обоените меѓу белите, и не можев да го разберам тој толку далечен свет каде жените се принудени да ги убијат и сопствените деца за да ги спасат од ропството.

Дали може да осудиме таков чин?

Како би постапиле ние, кога би се нашле во улогата на Маргарет Гарнер, робинка која бега од плантажа каде работи и пред повторно да ја фатат ја убива својата мала ќеркичка за да ја спаси од ропството? Дали би сакале нашите деца да бидат нечија туѓа сопственост, луѓе кои немаат свој идентитет и слобода на движење?

Никогаш не ми стана јасен, а тогаш ми делуваше и тотално туѓ зборот „ропство“. И не можев да разберам како некој човек може да поседува некој друг човек. Зарем може да поседуваме човек? Зарем ние луѓето сме предмети?

Не, не може. Не може да го поседуваме ниту духот на човекот. Ни она што останало од едно мало тукушто родено човечко битие. Ни она што останало од Љубена. Еден мал призрак кој сведочи за кошмарите на ропството но и во исто време и како да е зрак кој им дава трошка надеж и љубов на сите кои веруваат дека човекот нема веќе да поседува човек.

Кратка содржина

Додека се чита романот нѐ следи духот на малото убиено девојче Љубена, во романот убиено од главната хероина Сета, нејзината мајка, која го претставува ликот на Маргарет Гарнер. Љубена е дух на три генерации ропство, дух кој е тука за другите да можат да се помират со минатото пред да продолжат со животот. Дух кој сака, но не може да ги натера другите ликови, оковани во прангите на минатото да го вреднуваат животот, да се вреднуваат себеси и да имаат стабилен идентитет.

Токму тој изгубен идентитет на робовите е отсликан во разговорот меѓу Г-дин Гарнер (господар на плантажа каде работи целото семејство пред да избега и да добие слобода) и Бејби Сагз (еден од споредните ликови во романот, свекрва на Сета, робинка која на поодминати години ја спознава слободата, и ги учи другите црнци како да се спознаваат и да се сакаат себеси)  кога го прашува:

„Г-дине Гагнер, зошто ме викате Џени?“

„Зошто така пишуваше на картончето кога те купив. Како се викаш? “

„Никако. Никако не се викам. “

„Мажена си Џени? “

„Како ќе се земе. “

„Знаеш каде е маж ти? “

„Не, господине. “

„Тој му е татко на Хал? “

„Не. “

„Тогаш, зошто го викаш Сагз? И на сметката за него пишуваше Витлоу, исто како и на твојата.“

„Сагз ми е името, Господине. По мажот ми. Тој не ме викаше Џени. “

„Ами како? “

„Бејби. “

„Е , па“, рече господин Гарнер и пак се вцрви, „Да сум на твое место, би го задржала она Џени Витлоу. Госпоѓа Бејби Сагз не е име за слободен човек. “

Роман полн со наплив од емоции, напишан со многу богат речник и визионерски стил

Робинка која нема свое име, која се нарекува самата Бејби Сагз, станува слободна жена, жена која успева сама да си даде име, и не дозволува тоа да го направат белците. Но, слободата како да не е конечна слобода за неа, за сите нив, целото семејство живее во крвавото минато, посебно Сета, која на крај целосно полудува од опседната со духот на ќерка си.

Од друга страна, Бејби Сагз е несомнено најсветол лик во романот, лик кој нуди светлина и надеж за целата фамилија. Но, кога дознава дека нејзината снаа си го убива внучето да го спаси од ропство, како да ја губи светлината и наоѓа спас во темнината на смртта, умирајќи мирно во својот кревет, оставајќи ја снаата заедно со Денвер, нејзината внука и единствено дете кое останува да живее заедно со Сета.

Духот на убиеното девојче исто така го заведува и Пол Ди, човек кој работел на иста плантажа како и Сета, доаѓа да живее со неа и  двајцата започнуваат врска. Но, и тој, исто како и Бејби Сагз, кога дознава дека Сета си го убива сопственото чедо, заминува од нејзината опседната куќа. На крај и нејзината ќерка Денвер ја остава барајќи спас во заедницата, бега да биде надвор од кошмарите кои постојано ги доживува во својот дом. Група жени успеваат да го истераат духот од полудената мајка и Пол Ди се враќа за да изградат нов живот, живот во кој ќе успеат да се справат со своето болно минато.

Адекватен опис на робовите и дефиниција за слобода

Со Љубена, самата институција ропство добива и инфантициден карактер, самата мајка ги заштитува своите деца со тоа што им го одзема животот. Тони Морисон толку убаво ги опишува робовите, тие скршени и толку уништени битија кои не може да стават ни име на гробот на своите деца, кои го потиснуваат ужасот некаде далеку во скриените кошиња на својот ум, кои ги води само помислата на слободата, таа која е најскапоцена, поскапоцена од самиот живот.

Овој мрачен роман полн со наплив од емоции, напишан со многу богат речник и визионерски стил нема да Ве остави рамнодушни. И секако, како што кажала и самата Морисон: „Умираме. Тоа е можеби смислата на животот.“ Но, и во самата смрт некој ја наоѓа слободата, како што го направиле илјадници црнци кои биле принудени да го напуштат својот дом и да се населат некаде далеку и да бидат нечии робови. Сепак, Морисон, се надоврзала на претходната мисла: „Но, имаме и јазик за да можеме да зборуваме. Со тоа се мери нашиот живот.

Мора да признаеме дека таа со својот збор остави неизбришливи траги на светската книжевност,а  како борец за човековите права направи многу во САД и насекаде во светот. Да го следиме нејзиниот пример и се разбира, нашиот живот да добие голема тежина со она што го зборуваме и што сме го кажале. Затоа, бидете храбри и пишувајте! Тоа сигурно ќе остане да биде мерило за животот којшто сте го живееле.

Напишете коментар