Skip to content

Сè уште не е доцна

Гледам намуртени лица. Разговори од типот како сè ни недостасува во животот, како животот е мизерен, како станувањето од креветот е мака. Толку негативност, а толку краток живот. Сите сме толку заслепени од утрешниот ден што забораваме да живееме во моментот. Брзаме да го подготвиме предметот за полагање за утре, брзаме да стигнеме побрзо на работа, брзаме да го надмудриме, во негативна смисла се разбира, другиот, брзаме да се истакнеме како што поголеми нелуѓе.

Постојано сме во ,,гужва”, што забораваме дека токму во оваа минута живееме и дека утре ништо не ни е загарантирано. Толку размислуваме за иднината што воопшто не мислиме на сегашноста. Воопшто не мислиме на нашето ментално здравје и како тоа брзање насекаде се одразува врз нас. Од секаде притисок за нешто повеќе, за да се постигне сè. Да се заврши сè во одреден рок, а толку малку грижа за луѓето кои не се роботи на ова секојдневие. Не е ниту чудно што во секој нов ден чекориме рака под рака со анксиозноста.

Брзото секојденвие и обврските нè влечат на сите страни. А ние како послушни поданици им се покоруваме без ниту малку да водиме грижа за себеси и за нашите посакувања. Тоа што ни е зацртано најчесто не од нас, тоа го живееме велејќи дека има време, па на страна го оставаме она што навистина од дното на нашето срце сакаме да го правиме. Забораваме да ги прегрнеме нашите сакани, велејќи дека тоа ќе биде подоцна. Забораваме да ги бакнеме, забораваме колку е важно да искажеме љубов, да мотивираме, да се сакаме. Во секојдневието кое сè повеќе не одвлекува од самите себеси, забораваме да живееме.

Забораваме да бидеме среќни и трчаме можеби по некои нереални идеали. Трчаме по пари, моќ, преголем успех, а притоа на последно место ја ставаме љубовта и посветеноста кон работите кои вистински ги сакаме. Колку е само ова очјано и контрадикторно. Такви сме ние човечките суштестава. Или никогаш или предоцна ќе се сетиме што навистина е важно во животот.

Си повишуваме тон едни на други, си вртиме грб кога сме најмногу потребни. се оставаме на пола пат, се караме, а притоа забораваме да се смириме. Си замеруваме за ситниции, па егото расте ли расте каде што во една мера се претвора во неизбежна препрека која го прекинува секој однос со другата личност. И најтешкото нешто е тоа што не се ни обидуваме да го срушиме тој ѕид помеѓу нас. Гордоста се вгенздила во нашите срца како никогаш до сега, агресијата и алчноста полека конзумираат од нас. Превртуваме очи, нè нервираат сите, а притоа забораваме да се насмевнеме, заборавме да си поддадеме рака. Забораваме да ја почувствуваме убавината на самиот ден.

Не сме свесни за сето она што го губиме додека работиме како машини секој ден. Не сме свесни што испраќаме во неповрат сè додека нашиот живот не добие еден поинаков тек на работите. Кога ќе настане тишина, кога ќе нема да кој да му поддадеме рака и да сакаме, кога саканите ќе заминат, тогаш е веќе предоцна за сè. Кога одеднаш ќе застанеме и ќе видиме дека сè е толку празно околу нас, ќе настане целосно разочарување и длабока тага која никогаш нема да може да се искорне од срцето.

Тогаш парите, моќта, злобата, алчноста, сигурно нема да дојдат и да ви помогнат. Тие нема да ви пружат топла прегратка и да ве утешат. Кога ќе се загубите самите себеси во вашите понекогаш преголеми идеали, ќе сфатите што е една голема празнина и каење. Тогаш можеме да се насмевнуваме на новиот ден, да се молиме да се врати спокојот околу нас, тогаш дури и душата ќе ја продаваме на ѓаволот за малку љубов. Но колку и да плачеме, колку и да се преколнуваме што не сме освестиле порано, ќе добиеме ништо. Едно големо ништо.

Веднаш искажете љубов на оние што ви се во срцата, прегрнете ги саканите, бакнете ги, поразговарајте, извинете се, простете, кажете му на некој колку многу ви недостасува. Не се плашете од тоа да искажете љубов. За миг застанете, направете една кратка реанимација на срцето и видете колку пропуштате од секојдневието трчајќи по нешто што сепак за душата не е реално.

Колку и да мислите дека е лошо во овој миг, колку и да мислите дека немате време да го направите тоа, колку и да мислите дека тоа е клише, не е. Со сигурност ви кажувам дека дождливите денови не траат засекогаш. Тоа ви го потпишувам со моето срце. Само завртете го погледот од обврските и погледнете колку луѓе се веднаш до вас, на ваш дофат. Видете ја нивната љубов. Само погледнете каква е таа силна армија на сакани личности што се подготвени во секој миг да ве извлечат од секоја бездна во кој ќе паднете.

Само погледнете колку сте сакани, колку сте среќни и покрај тоа што некоја минијатурна причина ве направила длабоко несреќни и разочарани. Почувствувајте го примамливиот мирис на сегашноста, која има да ви понуди цветни градини. Искажете љубов и вратете ги на цена емоциите кои можеби се пред згаснување од ,,брзање”. Сè уште не е доцна да гонарпавиме тоа. Сè уште не е!

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар