Skip to content

Поезијата ќе го спаси светот – Ана Бландијана

Поезијата отсекогаш давала светлина, била и ќе биде светлина која го води човештвото во светол правец. Во овој материјалистички свет, таа е потсетник на нашата хуманост и човечност.

Поезијата може да го спаси светот

Лоша личност не може да напише добра песна, рече романската поетеса Ана Бландијана додека излегуваше на сцената да ја прифати нејзината награда за животно признание од Фондот „Грифин“ за извонредни достигнувања во поезијата во Торонто на 6 јуни 2017 год.

Поезијата може да го спаси светот“, додаде таа. Треба да ѝ веруваме. Зошто? Затоа што таа беше ѕвезда светилка за Романија за време на комунистичкиот режим, за време на бариерата која постоеше меѓу Истокот и Западот.

Преку својата работа, Бландијана повика на слобода и го повика романскиот народ да се разбуди од заспаноста наметната од репресивната држава. Многу луѓе, особено универзитетски студенти, правеа копии од нејзините забранети песни. И ги пренесуваа од рака на рака со голем ризик по сопствената безбедност.

Бландијана постојано ги охрабрува дисидентите од сите страни на светот, како на пример оние од Кина, за да им покаже и докаже дека тие се надеж за светот.

Поезијата ги буди луѓето

Самиот факт дека се спротивставуваат, фактот дека не можат да бидат поразени е поддршка за другите кои ја немаат таа сила и во самите нив лежи една голема сила“, рече таа.
Бландијана, исто така, за време на свечениот настан зборуваше за важноста на поезијата во будењето на луѓето во слободните општества, каде духовноста е намалена од сè почестиот материјалистички начин на размислување.

Мислам дека општеството станува сè повеќе и повеќе материјалистичко. Напорно и тешко работиме за да заработиме повеќе пари. Се забавуваме, потоа пак продолжуваме да работиме итн. Тоа е еден магичен круг во кој се вртиме и кој не остава ништо на крајот “, рече таа.

Можеме да видиме од големиот број на поетски фестивали на сите континенти дека луѓето се презаситени од овој прекумерен материјализам. Јасно се гледа дека сè повеќе луѓе чувствуваат дека мора да се вратиме на некаков вид на духовност или едноставно ќе престанеме да бидеме луѓе, стануваме роботи. Заживувањето на поезијата ја покажува оваа потреба за духовност“.

Маргинализација на поезијата во општеството

Пол Скот Дерик, еден од преведувачите кој ја преведе поезијата на Бландијана на англиски јазик, потврдува дека поезијата е маргинализирана во општеството.

Мислам дека поезијата бара одреден сензибилитет, одредена отвореност кон идеи и чувства и тие квалитети се губат деновиве“, рече тој.

Дерик ја најде оваа емоционална врска во работата на Бландијана.

Има едноставност во јазикот. Нејзините песни се лесно разбирливи, но во исто време и многу длабоки “, рече тој. Виорица Патеа, професорка по американска литература на Универзитетот во Саламанка во Шпанија за неа ќе рече: „Мислам дека нејзините песни се потрага по убавина“. Патеа рече дека делата на Бландијана не се потрага по новитет или оригиналност. „Таа не е поет што игра со зборови и ја сфаќа поезијата како игра. Поезијата има значење и мислам дека поезијата е исто така потрага по значење. Мислам дека тоа затоа вреди да се прочитаат песните на Ана Бландијана.“

Ова е извадок од текст посветен на Ана Бландијана, романски поет, есеист и прозаист, годишен лауреат на Струшките вечери на поезијата. Таа е добитник и на други меѓународни награди за литература и останува да биде светла точка. Човек на кој треба да се огледаме бо борбата против тоталитарни режими, борец за правдата и симбол на бунтот и непокорот.

Интересно е да се забележи тоа што е четврта жена лауреат на Струшките вечери на поезијата и е една од ретките жени поетеси која ја има честа да стане лауреат на оваа значајна поетска манифестација.

Подолу има линк до рецитал на нејзината песна „Се сеќаваш ли на плажата“, во превод на француски јазик. Се надевам ќе уживате.

Рецитал

Напишете коментар