Skip to content

Танцот на болката

Брегот и водите од секогаш за мене биле нешто мистично. Знаев дека после зимата ти доаѓаше на брегот и гледаше во далечините, така седната во тишина без ниту збор да прозбориш. Како целата мудрост на овој свет, како целата болка и тага во тебе да се имаше насобрано.  Па повторно таму те сретнав, на тоа добро познато место каде што се спојуваат два до срж различни света. Те сретнав како и секогаш во едно болно исчекување, но овој пат беше со солзи во очите. За прв пат, девојката што светот ја познаваше како силна, ја видов како тоне во солзи. Ги имаше опфатено колениците и прегрнато со рацете додека од болка душата си ја даваше на тоа парченце бетон. Те видов како плачеш без можност да престанеш барем за миг. Очигледно дека животот ти приредил доста болни удари.

Морето одеднаш се разбранува кога твојата солза која е синоним за болка, падна во тие води како ферман што треба да стигне до друг човек, со кој срцата ви беа поврзани. Морето пак како да ја прифати задачата и заита што побрзо да го пронајде тој човек, како да ти ја испишуваше судбината, како да ти велеше да не губиш надеж. Ти велеше дека ќе го најде и ќе го донесе па ќе го прекине ланецот на болното исчекување. Многу посакував во тој миг да прошетам по твоите мисли и да видам што е тоа што една девојка-борец како тебе ја натерало така силно да плаче покрај брегот како да нема воопшто ниту грам надеж.

Ги видов твоите вцревените очи кои блескаа со жар за борба и во најголема болка. Се насмевнав. Па ти му приредуваше уште поболен удар на твојот вечен противник, пред кој никогаш не си потклекнала-животот. Знаев дека кога ќе се исплачеш, ќе го залечиш срцето и ќе направиш некако магично да престане да крвари. Тогаш ќе станеш и гордо ќе ѝ се спротивставиш на болката.

Знаев дека веќе другиот ден до мене ќе допреа информации за твоите успеси. Знаев дека ти ќе победиш. Едноставно многу силно се издигнуваше после падот, како воопшто да не си била срушена на дното. Му простуваше на животот, но ги паметеше неговите удари и враќаше дупло посилно. Бидејќи тоа беше ТИ. Борбата беше во твојата ДНК, а откажувањето за тебе е некоја непозната дестинација, на која и некогаш да се најдеш, знам дека ќе ја освоиш без размислување. ТИ си човек кој е вистински борец.

Тогаш сфатив дека ти беше една шаренолика мешавина од борец и губитник кој после секој пад мора да победи. Бидејќи ти си најслабата и најсилната личност истовремено што некогаш светот ја запознал, а верувам и дека не си сама.

Оние зеници што сега одат сè подолу по екранот припаѓаат исто така на една силна и слаба личност спакувана во едно тело, на еден победник и борец во кој верувам дека никогаш нема да се откаже. Верувам дека и вие понекогаш се наоѓате во чевлите на тагата, но знам дека нема никогаш да се откажете, зарем не? Знам за тој остар мразулец кој се напластил во вашето срце па боде ли боде. Ве предизвикувам да ја издржите болката. Мора да ги поднесете тие бодежи бидејќи изгревот на сонцето ќе го стопи тој лед и ќе ви дозволи повторно слободно да дишете. Па имајте на ум дека зората секогаш доаѓа и е многу блиску во оној миг кога е најтешко, во случај да сакате да се откажете. Само длабоко вдиши и продолжи да се бориш.

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар