Skip to content

Месечина без светлост – Сузана Николова

  • by

Ми требаш ко на сиромавиот беда,

ми требаш сега, сега, сега,

ми требаш ко на старец коса седа,

ми требаш сега, сега, сега.

Сличен си на светец,

чесен и нешто повеќе,

сличен си на човек,

но во гради отров ти спие,

во очи светлина, а клетец.

Ми подари месечина без светлост,

каква добрина, каква реткост,

што душата ми ја спржи,

анѓелу кој ли грев те држи,

да стоиш, стоиш, стоиш.

Се насмевнуваш како ладна зима,

даровит како скржавец,

го кршиш секој никулец,

шеќеру, горчиш од горко повеќе.

Ме сакаш како странец,

а срцево дом ти е,

ме сметаш за туѓа,

а јас твој роб,

да знаев дека така ќе биде,

јас ќе бидев ти, ќе бев ти,

но ти јас не биди.

Автор: Сузана Николова

Напишете коментар