Skip to content

Зборувајте

Знам дека понекогаш е многу тешко да го кажете она што го чувствувате. Знам дека едноставно немате зборови. Не знаете што да кажете, а само сакате да зборувате. Сепак молчите. Имате една необјаснива препрека во грлото, што не ви дозволува да изустите збор. Ја наведнувате главата и сè препуштате на ситуацијата. Го спуштате штитот и оставате животот да ве однесе со неговио виор. Дозволувате судбината да ве држи во раце. Се предавате. Уморни сте од докажување и преговарање. Преуморни сте од одбивање и убедување дека сте во право.

Уморни сте од тоа на некому да му докажувате по не знам кој пат колку многу ви значи. Знам. Но, знаете дека некако и тоа ќе помине. Дури и во моето срце чувствувам, дека неизговорените зборови многу ве болат. Тие се оние што градат непреминливи бариери помеѓу нас, кои ќе растат сè додека целосно не го забранат местото за пристап. Верувајте, тие се отров за душата, за срцето. Тие нè водат кон пропаст. Недостатокот од комуникација предизвикува рушење на толку величенствени работи, кои некогаш, во некое минато без точно време и место, биле изградени со многу љубов и внимание.

Се плашиме дека ќе бидеме осудени од  другата страна, дека ќе бидеме исмевани и озборувани. Дека ќе бидеме омразени поради вистината што сме ја кажале. Но, тоа не треба да нè обесхрабри, бидејќи токму вашиот глас може да го промени светот, не заборавајте го тоа.

Се согласувам. Многу е тешко на некого да му кажете дека го сакате повеќе од себеси, тешко е на некој да му кажете колку многу ве повредува, тешко е да станете и да кажете дека веќе ви е доста од сè. Така што или работите ќе ги искажеме и ќе упропастиме сè во околината или ќе дозволиме тие нас да нè упропастат. Приморани сме да молчиме за да не изгубиме некој што сакаме, за да не ја навредиме нашата пријателка, за не го загубиме работното место, за да не станеме ,,трн во око”, за да не си навлечеме проблеми на врат, но потребно е да се слушне нашиот глас.

Затоа ајде да зборуваме луѓе

Со целиот жар во моето срце, со целата сила што постои во универзумот, проникната со една трнлива желба, поттикнувам сите заедно да зборуваме. Тешко е, но многу корисно. Ако вие молчите другите сигурно нема да молчат за вас. Затоа кажете го она што ви тежи на срцето. Ослободете ја душата, дадете ѝ место за да може да ,,цвета”. Покажете ѝ како е вистински да се дише. Симнете го товарот што подгрбавени го носите на вашите плеќи. Осмелете се и зборувајте. Само зборувајте, но не ја хранете душата со такви токсини, наречени неискажани зборови.

Кажете го она што го мислите. Бидејќи тоа го можат само храбрите, а знам колку сте сите вие храбри луѓе со голема сила во вас. Зборувајте. Сега токму во овој момент ве предизвикувам да зборувате. Да го дигнете вашиот глас и да кажете сè што ѝ тежи на вашата душа. Да им се јавите на саканите и да искажете љубов, да кажете што не ви се допаѓа, да најдете решение, ако го нема да го креирате, но да не ги дигнете рацете од тоа да ги поправите нештата.

Да бидеме искрени за нашите емоции додека сè уште сме живи, додека сè уште чукаат нашите срца, додека сè уште имаме можност да ги искажеме тие разновидни емоции.

Зборувајте!

Викторија Саздовска

Напишете коментар