Колумни На пауза со моите монолози

Насмевни се и збуни ги!

Што има толку збунувачко во една насмевка? Прочитајте во продолжение. Беше прилично сончев ден во есен, чиниш е лето. Дуваше нежно ветренце кое ми ја галеше косава додека спокојно се движев кон автобуската постојка. Случајните минувачи изгледаа оптоварени со нивните мисли, а јас ги набљудував бидејќи одлучив дека ќе се обидам да забележам некој што ќе биде искрено насмевнат. Забележав дека повеќето беа во некоја меланхолична состојба како да им е дојдено преку глава од сè или само така игледаа во тој момент што можеби забелешката не ми беше точна. Лицата во некои моменти можеби ја отсликуваат нашата внатрешна состојба, но тоа не значи дека на нив се чита сè. И да се вратам на мигот додека пешачев кон постојката и одлучив за промена, но и за да се издвојам од мнозинството да си „нацртам“ насмевка и решив да не ја симнувам од лице по никоја цена. Кога застанав да чекам автобус имаше неколкумина што веќе чекаа, и по тоа заклучив дека автобусот би требало да пристигне во секој миг. Неколку минути пред да се качам покрај постојката поминуваа две жени коишто меѓусебно си разговараа. Едната ми делуваше многу познато, но не можев да се сетам од каде ја познавам. Без да го тргнам ведриот поглед ја погледнав продорно во очи, а таа ме забележа дека сум насмевната и дека ѝ упатувам поглед, го прекина разговорот со пријателката. Видно „збунета“ од моето весело упатување на директен поглед, ми се обрати на следниов начин: „Извини девојче, се знаеме?“ Тогаш ми текна дека сум се препознала и дека не е таа жената што ја познавам зошто очигледно ни таа не ме познаваше мене, но беше изненадена. И ми стана уште појасно колку луѓето се збунети кога некој ќе им упати топол поглед, а не ги познава. „Не, извинете ме, само се препознав“, беше мојот културен одговор и веќе насмевката полека почна да се претвора во една права линија. Не бев решила да ја тргнам, но очигледно дека жената беше изненадена од неа. На патот до дома размислував за случката и беше повеќе од јасно дека луѓето на една обична насмевка упатена до нив можат да реагираат на различни начини. Ако е упатена од машко на женско или обратно може да се смета за флертување иако таа била само обична љубезност, но некои ја толкуваат на различни начини. Ако му се насмевнеш на постар човек или жена додека ги поздравуваш според мене значи чиста љубезност и почит кон повозрасни луѓе, но сите не ја толкуваат на таков начин. Некои луѓе не се навикнати на топол поглед и насмевка, па кога некој случаен минувач ќе им ја упати, не знаат како да реагираат на неа. Јас мислев дека насмевката има универзален јазик и дека на насмев се одговара со насмев, но очигледно сум била во заблуда.
До следно, останете насмеани и наместо да ги збуните луѓето, заразете ги со вашата насмевка! Наздравје паузирање!

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје