Skip to content

Пол Елијар, француски поет и еден од основачите на надреалистичкото движење

На денешен ден (18 ноември) во Шарентон Ле Пол (париско предградие) во 1952 год.  почина Пол Елијар. Бил роден на 14 декември 1895. Тој е француски поет и еден од основачите на надрелизмот. Неговата поезија е нијансирана и полна со меѓу-тонови, се одликува со голем естетски стил во кој преовладува чуството на хедонизам и предаденост на уживањето во секојдневните моменти од животот и покрај тоа што живее во периодот на големите светски војни од кои бил ужаснат од големите крвопролевања.

Неговата поезија е спој на телесност и спиритуалност, таа е многу отворена и таму јасно и искрено ги искажува чувствата и радоста која ја споделуваме со друго битие за време на љубовта.

Овој необичен спој е одлика на надрелизмот каде две различни реалности се обединуваат да направат необични и изненадувачки ефекти.

Се надевам ќе бидете пријатно изненадени од неговата песна „Никој не може да ме познава“ и ќе посакате да читате уште од поезијата на еден од најголемите поети на 20 век Пол Елијар.

Никој не може да ме познава

Никој не може да ме познава

Толку добро како што ти ме знаеш

Твоите очи во кои ние спиеме

Двајцата

Направија од моите човечки светлини

Една судбина подобра од онаа што ја имаат ноќите

На светот

Твоите очи низ кои патувам

Им дадоа на движењата што ги прави патот

Една смисла која е одделена од земјата

Во твоите очи оние што ја откриваат

Нашата бескрајна осаменост

Не се веќе она што мислеле дека се

Не може никој да те познава

Подобро отколку што јас те знам.

Препев од француски јазик Влада Урошевиќ

Напишете коментар