Skip to content

Каде ви се брза?

Уште од мали ни викаа да брзаме, најдобар пример во една од првите песнички што ја учевме во забавиште беше речено: „брзај, брзај прваче во школскиот двор, таму те чека учителка драга со насмев и топол збор“. Како и да звучеше оригиналот, мене ова ми е останато во сеќавање, но поентата е иста – брзајте! Уште од најрана возраст брзавме да пораснеме за кога конечно ќе се случи тоа да сфатиме дека сме биле во заблуда и дека „светот на возрасните“ не е воопшто лесен и едноставен. Прво брзаме кон училишниот двор за да не ни ја заклучат школската врата, потоа ни се брза за конечно да заѕвони ѕвончето за голем одмор, потоа ни се брза да се вратиме во училница навреме пред да влезе наставничката, потоа ни се брза да завршиме средно и да запишеме и завршиме факултет, па да се вработиме (на некои толку многу им се брза да стапат во брак па знаат да го прескокнат и факултетот, а и вработувањето). Потоа некои едвај чекаат да станат родители, па едвај чекаат бебето да го добие првото запче, па да ги направи првите чекорчиња, па да почне да зборува, па потоа едвај чекаат тоа да почне со училиште и нему му викаат да „брза“ кон школскиот двор. Следува фаза од животот преполна со обврски од типот на воспитување деца и „брзање“ да се стигне навреме со плаќање на сметките и подмирување на останати долгови. Потоа следна фаза е кога брзате да стигнете на родителската средба, брзате да стигнете на работа ама повторно ве фатил сообраќаен застој и можеби ќе доцните пет минути, но тоа не е важно – вие стигнавте здрави и живи и така во „брзање“ му објаснување на шефот дека по пат ви се дупнала гума од автомобилот или дека автобусот доцнел цели петнаесет минути. Брзате да стигнете навреме на спортскиот натпревар за да фатите убаво место на трибини или едноставно сакате „побрзо“ да стигнете дома после напорен ден. Едноставно „ви се брза“ со изговорот дека „такво е денес времето“ и дека „животот е брз сам по себе“. И се случува живот во меѓувреме додека брзаме, со сите негови подеми и падови што ги носи, грижи, радости и останати клише зборови поврзани со убавината, тешкотијата и минливоста на животот. И така „изживеани“ и побогати со животна мудрост едвај чекате да стигнете до пензија за конечно да уживате во староста или во „ збирање на плодовите од вашиот дотогашен труд“, сфаќате дека всушност цел живот сте го поминале во брзање. Не бидете од оние што немаат трпение за чекање или поточно од типот на луѓе што „сакаат само да прашаат на шалтер“, а всушност сè што сакаат е да ја завршат нивната работа побрзо и да прескокнат ред. Ред? Што беше тоа ред? Како да во тие плус десет до петнаесет минути чекање ќе им се намали животниот век за минимум пет години. Ниту можеме да се движиме побрзо од животот ниту пак да патуваме во иднината. Тогаш, нели нема никаква причина за брзање? Ова не значи дека треба да стоиме во место и да оставиме животот „да ни пролизга низ прсти“, но не значи ни дека треба да трчаме маратони туку доволно е да го следиме сопственото темпо. Нашето сопствено темпо е нашиот најдобар учител, кога ќе научиме да го следиме него, ќе научиме и да се движиме според него. Важно е тие околу нас да имаат нивно темпо, но да биде доволно блиско со нашето за да можеме да ги усогласиме чекорите. Наместо да ни се брза конечно да ни заврши смената на работа зошто не ни се брза за конечно да се случат промени поврзани со ценење на трудот на работниците и заштита на нивните права? Зошто не ни се брза да прекине сиромаштијата или барем да се сведе на најниско можно ниво? Зошто не ни се брза да се искоренат болестите или барем да се најде лек за оние што не се лекуваат? Зошто не ни се брза да имаме чист воздух туку брзаме да побегнеме дома за да не го дишеме истиот? Не е важно што дишеме загаден воздух, важно во Скопје ќе се воведува автобуско метро или брз автобуски превоз. Идејата не изгледа лошо, но што е со сообраќајниот метеж што се прави и сега, прашањето што ми се поставува е дали тој метеж ќе биде решен со овој „проект“? Им се брза да воведат брз превоз, а тој што во моментов функционира не се обиделе да го направат пофункционален!               
Речиси секојдневно патувам со автобуси на ЈСП и многупати сум била сведок каде автобус со одреден број се чекал повеќе од десет минути, а кога ќе пристигне истиот да е преполн со луѓе и да нема слободно седиште, а луѓето внатре се туркаат и си дишат во врат едни на други. Каде е решението за овој „проблем“ или ситуација? После него знаело да следува автобус со ист број речиси полупразен, а доаѓаат на постојка со разлика помала од една минута. Која е поентата да се чека автобус цели 20 минути за кога ќе дојде да немаш каде да седнеш? Наместо да се реши ова со редовноста на линиите на начин на кој одговорните сметаат дека треба да се реши (ако воопшто се загрижени за оваа „појава“), тие воведуваат новитети за кои не сум сигурна колку ни се потребни во моментов и колку се приоритетни. Ни се удави градот во чад и отров, да го спасиме од тонење со тоа што ќе ни се брза да се случуваат промени во позитивна насока! Каде ви се брза? Да не трчаме побрзо од способностите, да ја пуштиме ногата колку што ни е долга чергата оти со брзање никаде нема да стигнеме навреме. До следно. На здравје паузирање!

Напишете коментар