Skip to content

Птицата од кафезот

  • by

Како хедонист во пишаниот ритмичен збор, одлучив вашите виуги да ги збогатам со сторија за како јас велам ,,Птицата во кафезот’’. За личност која остави во мене поетски печат врежан во дамарот на креативноста. Личност која посакував да ја познавам. Но имав чест тоа да го направам преку нејзината поезија. ДАМА која громогласно ги исправуваше кривите на светот и битијата. 

Родена како Marguerite Annie Johnson се вивнува во поетскиот свет под псевдонимот Маја Ангелоу, родена во 1928 година во Сент Луис, Мисури, САД. 

Помеѓу книжевниците и сиот уметнички свет е позната како личност која во улога на неуморна американска поетеса, пејачка, мемоаристка и активистка за човекови права внесува нови вредности во пишаната уметност. Објавила седум автобиографии, три книги есеи, неколку книги поезија и е заслужна за многу претстави, филмови и телевизиски емисии кои се протегаат над 50 години. Таа добилa десетици награди и повеќе од 50 почесни награди.

Ангелоу е најпозната по серијата седум автобиографии, кои се фокусираат на нејзиното детство и раните искуства како возрасна. Првата, „Знам зошто заробената птица пее“ (1969), раскажува за нејзиниот живот до 17-годишна возраст и ѝ донесе меѓународно признание. Во 1982 година, таа била прогласена за прва Рејнолдс професорка по американски студии на универзитетот Вејк Форест во Винстон-Салем, Северна Каролина . Таа била активна во Движењето за граѓански права и работела со Мартин Лутер Кинг џуниор и Малколм Х. Започнувајќи во 90-тите, таа имала околу 80 настапи годишно на јавни предавања, нешто што продолжила да го прави и во нејзините 80-ти.
Но она кое сакам да го донесам до вас, е една од нејзините поеми со длабока мисловна форма.   Токму затоа земав за слобода да ја преведам ,,Сè уште се издигнувам” ( анг. Still i Rise…).

Сè уште се издигнувам

Можеш да ме впишеш во историјата
Со твоите горки, извртени лаги,
Можеш да ме газиш,
Но, јас сè уште, како прашина, ќе се издигнам.

Дали ти пречи мојата дрскост?
Зошто мракот те обзема?
Затоа што одам како да имам извори на нафта
Кои ги испумпувам во мојата дневна соба.

Исто како месечини и како сонца,
Со сигурност на плимата и осеката,
Исто како надеж што скока,
Јас сепак ќе се издигнам.

Сакаше да ме видиш скршена?
Со свиена глава и затворени очи?
Со рамена кои паѓаат како солзи,
Слаба од моите страствени плачења.

Дали те вознемирува мојата ароганцијата?
Немој да се лутиш премногу
Затоа што се смеам како да имам златни рудници
Кои ги ископувам во мојот двор.

Можеш да ме стрелаш со твоите зборови,
Можеш да ме пресечеш со твојот поглед
Можеш да ме убиеш со твојата омраза,
Но, јас сепак ќе се издигнам, како воздух.

Дали моето заведување ти пречи?
Дали те изненадува тоа
Што танцувам како да имам дијаманти
Таму каде се спојуваат моите бедра?

Од колибата на срамот од историјата,
Се издигнувам
Од минатото засновано на болка,
Се издигнувам
Црн сум океан, простран и широк
Подуен и прелиен, носен од струите
Оставајќи ноќи на ужас и страв,
Се издигнувам
Во зората, чудесна јасна
Се издигнувам
Носам подароци дадени од моите предци,
Јас сум сон и надеж на робот.
Се издигнувам

Се издигнувам

Се издигнувам

Ви приложувам и линк каде ќе најдете дел од нејзините поеми. Уживајте 😉

Напишете коментар