Skip to content

Држава без (образ)ование – Јована Јаневска

  • by

Кога ќе се сетам на школските денови, на годините пред годиниве на пресврт, кога ќе се сетам кои луѓе пред очиве и умов биле авторитети, ми доаѓа некакво гадење, некаква нејасна лутина. Знам од каде доаѓа, но не знам дали се упатила, кон единкиве или кон без(образ)овниов систем на земјава. Оние што во очиве некогаш беа страв и почит, затоа што оцената ми зависела многу повеќе од нивното расположние отколку стручност, сега се полуписмени човечиња на кои предолго им се гледало низ прсти.

Полуписмени човечиња кои наоѓаат оправдување за секоја неправда која ја прават, но не и за сопствената нечест и безобѕирност.
До кога образовниов систем на кутрава Македонија ќе создава безрбетници?
Каде ти се филтрите земјо?
За некого скали, за некого лифтови. Оние со сајли-ортоми, машала ти ги полнат професорските фели, амфитеатри, ранг листи за стипендии, ранг листи за специјализации.
Печатиш дипломи како флаери пред избори.

Точно дека тоа гадење кон авторитетите ме сопна повеќе пати низ животов. Точно дека непослушноста кон нелогичните правила на истиот, неколку пати ми плесна шлаканица, ама заборавив дека живеам во земја каде правилата се кршат исклучиво и само за одредени личности без лице, но со голема сенка позади себе, но не и за квалитетот, кој за разлика од првиве можете да го обликувате по ваша мера, да му ја намалите вредноста, да не го признаете или едноставно да кренете рамена. Престанав да верувам во образовниот систем на Република Македонија, кога престанав да играм на туѓ терен. Оти поубаво е за оние кои играат на домашен, па тука се навивачите, поддржувачите, ветерот во грб кој ќе те издигне од линијата на студенти кои не положиле, кон оние кои го положиле колоквиумот.

Тој ветер дува тивко, но сигурно, ги меша бројките на истакнатите листи на вратата од катедрата.
Почнавме да го викаме ветерот на промената.
И сега додека пишувам, ја чувствувам циничната насмевка на лицето на оние кои не се согласуваат, на оние кои веруваат во системот, само затоа што ги оправдува и ги признава.
Но, кој писател ѝ избегал на осудата?
И зошто си давам право да застанам од спротива и да проговорам за ходниците и амфитеатрите на македонското високо образование? Веројатно, ситнењето на сопствената младост во истите и барањето на смислата на сопственото постоење и расудување, ми дава еднакво право како и на оние на кои системот им се допаѓа ваков каков што е.

Можеби бројот на моите години и искуства е на пола од оние на некој возрасен човек кој ќе го чита истово, кој ќе го искритикува, кој ќе ја презре дрскоста на моето пишување. Но, некаде прочитав дека мудроста не доаѓа со годините. По некое мое скромно мислење не доаѓа ниту со книгите, туку со широко отворените очи и уши. Можеби и со чувствата. Со системот за расудување кој секој до нас го гради во умот и кој не смее да му дозволи да коленичи пред сопствените добивки. Оти ако пишувам и плукам врз системот за со тоа да ги оправдам сопствените пропусти, тогаш не сум поинаква од оние кои го бранат заради истото.
Затоа соголувајќи ја сопствената вистина, ќе ја задржам честа на личното расудување.

Во животов многу пати бев сведок на пукнатините и процепите низ кои учениците и студентите ја пустошеа мисијата на знаењето. Ликот на успехот. Оцени се делеа како платена роба. Тивките ветриња вееја и низ дневниците, изместувајќи по некоја линија и кај графите за оцени и кај оние за изостаноци.
Повраќаници од научени факти на памет и одговарање на ученикот загледан во една точка, се вреднуваше подеднакво дури и погоре од ученикот кој приоѓаше со разбирање на материјата и сопствено критичко мислење. Но, системот ги сака послушните, системот ја сака сликата на привидна перфекција, иако цврсто сум убедена оти е сигурен дека рамките ѝ се клатат. Системот ги сака редиците од исти циглички, стадата од исти слични бели овцички, кутивчето со пиончиња и воглавно сите запечатени мозочни кутии.

Затоа што системот има создадено шема и која ќе се движат пиончињата, трла во кои ќе се соберат овцичките и уште ако пастирот ги научи да не ја делат сламата со заедницата, туку себично да ја чуваат за себе, тогаш имаме армија дебелогаз(овци) кои утре ќе бидат пастири на нашите јагниња. На таквите овцички не им смета што потокот е полн измет, ниту што воздухот е посив од асфалтот, ниту што се скршени нозете на некоја друга овца, тие си ја јадат исклучиво сопствената слама и живеат мирно во трлото.

Корумпирани сме до гаќи.
Масираме стапала и лижеме чевли за да откупиме и валидизираме сопственото “јас” пред заедницата, фамилијата, сопствените деца. Пред себеси. Ни ја дроби душата онаа желба да се згази соиграчот кој ја трча истата лента. Секогаш ми бил интересен фактот дека коленичиме и ги признаваме непознатите, а ги газиме и не ги признаваме нашите, блиските, оние кои растеа во нашите маала, кои го гледаа и слушаа истото што го гледавме и слушавме ние.
Непотизмот не ни дише во врат, туку дише наместо нас.

Младоста ја оставаме скандирајќи на улиците, додека татините синчиња ни се смешкаат од стаклените канцеларии и ординации во висококатниците на Скопје.
Животот за некого мајка, за некого маќеа.
Мекотели се намножија и ги запушија сите пори и сфери на државава кои требаше да го одржуваат образот чист.
Сите институции кои требаше да бидат домови на правдата, знењето, честа, во очите на истребениве идеалисти станаа кал од црвена земја и измет.

Пишувам без да се сопрам и преслушам на половина збор, пишувам затоа што верувам во судбината на транзициските деца, на децата на работниците, на обичните смртници кои многу повеќе треба да го докажуваат својот потенцијал, својот квалитет, како би добиле шанса да се борат со оние кои јадат од златна лажица и пишуваат со златно пенкалце.
Колкумина од вас ја урамија дипломата на левиот ѕид од дневната соба, па конечно слободно тргнаа да трагаат по својата вистинска пасија, во некоја сосем различна сфера?

Колкумина од вас добија дипломи од  формалното образование, а се пронајдоа себеси во неформалното образование, на кое образовниот систем во Македонија гледа како на извор на пари, со доза цинизам и невреднување?
Во животов само еднаш ја спуштив главата пред неправдата. Но, ја спуштив свесно. Во животов и во теков на моево образование, само еднаш се почувствував како предавнички измет и си ветив дека никогаш повеќе нема да дозволам да се почувствувам така.

Имаше потреба да се вратам да студирам во родното Скопје, исто така сите сметаа дека имаше потреба да се има човек кој би го помогнал процесот на префрлање од еден факултет на друг. Иако ги имав положено испитите од академската година и го имав целосното право да се префрлам, сепак класичната македонска приказна не би била целосна, ако таму некаде нема ветер кој ќе нè турка и нас како и останатите со сопствените ветришта.

За да ги спасам сопствените родители од трошоци и издржување на студент во друг град, бидејќи не е лесно работници да школуваат два студенти истовремено, а да не се скрати правото и желбата на едното од децата, прифатив помош од личност која повеќе беше морална поддршка отколку вршител на делото, со оглед на тоа што таа година сите студенти кои поднесоа молби беа префрлени идентично (иако некои и без положени, а потоа признати испити, за кои и денес имам некои нејаснотии).

Септемвриските денови, додека сите ги чекавме резултатите, дали ќе бидеме префрлени или не, додека го гледав мојот другар кој единствено немаше поддршка во процесот, се почувствував како предавник. Некако знаев дека таа приказна не е моја, дека јас нема да се борам на теренот меѓу децата на докторите и останатиот персонал од државна болница, газејќи врз сопствената кауза, младост и пасија. Како да ги предадов децата на работниците за кои со секоја капка крв која струи низ крвотоков во моментов, се колнам дека ќе ги бранам до крајот на животот. И денес симнувам капа на тие деца кои со децении лутаат во лавиринтите на медицинскиот факултет, заслужувајќи ја хипократовата заклетва со пот и чест. Симнувам капа на оние кои решија животот да го посветат на ординациите и здравствените домови. Тоа не беше мојата пасија.

Требаа неколку години набљудување на македонското општество и протести со кои израснав за да ја пронајдам својата пасија. За да разберам дека пасијата треба да те одржува, а не изгори. Видов дека можеби треба да сум гласникот, не плашејќи се дека некој некогаш ќе ми го пукне носот, повреден од моето мислење. Не плашјќи се од легнување на брашно или смирување на духот за одредена плата и сигурен живот.

Гледајќи во очите на мојот другар кој првата година имаше поголем успех од сите нас, вклучувајќи ги и докторските деца, кој за разлика од останатите ја избра својата пасија кон книжевноста и го напушти дувлото на непотизмот, години подоцна разбрав дека секоја птица лета во своето јато, секоја душа во своите гради и дека не се калеми гранче на туѓо стебло, ако сака да цути и да му го даде на светот максимумот од себе.

Години подоцна разбрав дека честа и титулата не седат на иста маса.
Душата некогаш се продава еднаш во животот, некогаш неколку пати дневно.
Знаењето некогаш се вреднува постхумно, некогаш секојдневно, пишувајќи бројка за одредена бројка на пари.
Години подоцна разбрав дека треба да се даде време на времето за да го направи своето. Да се даде време на духот да засјае во целост и да го осветли патот по кој еден човек треба да врви нив ваквиот или онаквиот физички живот.
Видов, се лажеме себеси дека системот функционира, врз основа на нашата замисла како тој би требало да функционира.Научив дека ако нешто стега во градите, ако нешто притиска околу срцето, треба да се искачиме на една поголема висина и да погледнеме околу.

Оти онаму каде што градите ни се мирни, таму ни е и домот.
Оти ако мислата е чиста, чист е и образот.
Оти ако единката не застане наспроти системот и  не му ги презре мааните, кој ќе ја чисти маглата пред очите на генерациите кои се повеќе потенцијални штрафови, отколку негови критичари?
Оти ако системот не се потпре на идеологијата и вербата на вистинските професори кои формираа ум и душа, а не меморија, ако создава знаење и стручност, а не работни места, ако создава визија за подобрување на заедницата, а не желба за бегство на туѓо тло, можеби тогаш би имале држава со (образ)ование.

(продолжува)

Автор: Јована Јаневска

Напишете коментар