Skip to content

Мемоарите на Хадријан

Дали сте слушнале за Хадријановиот ѕид? Или можеби сте го посетиле Римскиот Пантеон? И секако, ако сте го посетиле Рим, сигурно сте биле во Хадријановата вила во Тиволи, архитектонско ремек – дело кое испирирало толку многу уметници и архитекти низ вековите една од највисоките форми на изразување на сите култури кои го населувале античкиот свет околу Медитеранот.

Хадријан – инспирација за „Мемоарите на Хадријан“

Во тој случај, сте слушнале и за еден од најголемите римски императори Хадријан, заслужен за развој на културата и уметноста на античкиот Рим, човек чијашто големина е инспирација за француската писателка Маргерит Јурсенар да го напише „Мемоарите на Хадријан“. Се работи за историски роман од 6 поглавја, во кој Хадријан пред својата смрт неуморно ја бара смислата на животот и смислата на неговата смрт.

Како продуховен човек, император, поет и филозоф тој успева да ја пасифицира својата империја и ги подобрува условите на живот на сите негови поданици , вклучувајќи ги и жените и робовите.

Хадријан е голем градител и основа неколку нови градови низ империјата. Но, во романот тој е старец на 60 годишна возраст и чувствува како неговото тело го напушта и за него остануваат само спомените од младостa и писателката сака да нѐ потсети дека и императорот е човек кој не може ништо против времето кое не може да се сопре.

Хадријан се потсетува како учел од сопствените грешки, особено од оние трагичните и од онаа најголемата, лудата љубов за младиот Антинуос и празниот брачен живот кој го имал со неговата жена Сабина.

Тема на романот

Една од темите на романот е самоубиството на кое помислува и самиот Хадријан во последните години од животот. Неговиот сакан Антинуос извршува самоубиство. Хадријан полудува од тага и паѓа во депресија. Ја надминува со љубовта која ја има кон уметноста и книгите, и чувството на должност која ја има кон империјата.

Самиот роман е напишан во епистоларна форма, со писма адресирани до неговиот наследник Маркус Аврелиј, кој е негов посвоен син и започнува со обраќањето: „Мој драг Маркус“.

Хадријан, пред смртта знае дека не е ништо повеќе од обичен смртник и покрај големата слава и моќ која ја имал во текот на животот.  Со тоа, Јурсенар се навраќа на темата на пролазноста на животот и неодминливоста на смртта. Самото дело станува еден вид на контемплација, психолошка проза проткаена со историски случки, поетски слики и автобиографски елементи од животот на императорот. Со што тој станува многу близок со читателот и истиот не го гледа како император кој живее далеку од очите на народот.

Навистина, Хадријан кој владеел повеќе од дваесет години, повеќето време од своето владеење го поминал во движење. Тој ги сакал морињата, шаторите, ноќите под отворено небо. Ја пропатувал својата империја и успешно ја администрирал.

По сè изгледа,  многу работи ја инспирирале авторката да го напише романот

Јурсенар наведува дека се интересира за овој историски период од човештвото затоа што човекот во тој временски период останал сам, римските богови исчезнувале. А Исус сè уште го немало да се појави да го спаси човекот пред сѐ од самиот себе. Самиот роман е издаден во 1951 год. Јурсенар смета дека човештвото се наоѓа во сличен крстопат после Втората Светска Војна.

Јурсенар била исто инспирирана од величината на Хадријан како човек пацификатор, кој успева да ја пацифицира империјата и сакала да прикаже како само еден човек може да стане пример за исклучителен владетел на кого треба да се огледуваат идните.

Била исклучителен хеленист и некаде е забележано дека за Јурсенар  митологијата не само што има естетска вредност, туку ја изразува и метафизиката на постоењето и го изедначува човечкото со божественото. Маргерит Јурсенар се смета за последен француски литературен класик и наследник на моралистичката традиција во француската литература.

Или можеби како ексцентричен мислител се инспирирала од неговиот приватен живот? Таа останува да биде како што и самата вели за себе, љубовница која никогаш не посакала маж, а Хадријан љубовник кој никогаш не посакал жена.

Останува да го прочитате романот и видите која била нејзината инспирација и посебно го препорачувам на оние кои сакаат историски романи и ги интересира животот во антички Рим, но и на оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за смислата на нашето постоење.

Можам само да потврдам дека денес на човештвото му треба повторно еден ваков голем човек, пацификатор како Хадријан кој ќе може успешно да го консолидира и пацифизира, зарем не?

И на крај, неколку стихови напишани од самиот Хадријан, кој се потрудив да ги преведам и кој ги напишал во последните денови од својот живот.

Стиховите од Хадријан

„Моја скитачко мила мала душо

Содружник на моето тело и гостин

Која се спушта во безлични,

Затворени и осамени сфери

Твоите лудости нема веќе кој да ги мери…“

Напишете коментар