Skip to content

Кога загубата е добивка

Ова е за сите оние кои денеска загубија нешто на кое се надевале со целото свое срце. Во кое гледале сè или ништо. За сите оние кои денеска беа ранети до срж. За сите они кои денеска искусија болка како никогаш досега. За сите оние кои паднаа на тестот на животот. За сите оние кои денес не можат да станат од кревет заради премореност и понекогаш нереалните барања на модерното секојдневние.

Сакам да знаеш дека ти вредиш. Колку и да си уморен, тажен, скршен и обвиен во мрак, ти вредиш. Сакам со овие зборови да посадам храброст и надеж во тебе. Сакам да ти кажам дека тој пад тебе не те дефинира како личност. Тоа што денеска си добил помалку од она што си очекувал, помалку од она што си заслужувал, не значи дека ти си губитник. Тоа што си паднал не значи дека ќе останеш да лежиш. Една пуштена солза не те етикетира како ,,слабак”.

Ако мислиш дека оваа болка ќе се задржи засекогаш во тебе, не грижи се. Таа е само гостин. Секако дека ќе си замине. Само знам дека те притиска па не можеш да дишеш. Се чувствуваш како да имаш некоја огромна тежина во градите, па колку и пати да издишеш, сè уште не те напушта. Ти се чини дека на плеќите го носиш товарот на целиот свет. Ох, знам човеку. Знам. Те разбирам и сосема е во ред да бидеш тажен и уморен. Ти си само човек кој дава сè од себе за да го искористи најдоброто од секој нареден ден. Знам дека поради тој замор и во сончевиот ден ти гледаш магла и тага.

Знам дека си разочаран длабоко во себе од сето она што се случува во околината. Знам дека многу пати си седнал и си се преиспитал каде си згрешил и што треба да направиш за да се поправиш. Знам дека те боли душата и покрај тоа што во таа толпа се смееш и се шегуваш со другите луѓе. Знам дека кога одмавнуваш со раката и велиш дека нешто не е важно, знам дека тоа нешто срцето ти го јаде. Знам дека кога ќе ја разголиш твојата душа, ќе видам многу нанесени и сè уште не затворени рани кои крварат.

Но, немој да се откажуваш. Ти сега уредно ќе го преживееш овој ден. Здраво ќе се исплачеш, за да можеш да заздравиш. Ќе размислиш уште еднаш каде грешиш, ќе ѝ дозволиш уште еднаш на болката да поседува со тебе, немој да се плашиш од неа, таа ќе те научи на многу работи. Но сето тоа до почетокот на другиот ден. Кога сонцето повторно ќе го бакне небото, ти знај дека треба да станеш посилен од било кога без солзите од вчера, со една насмевка полна со живот. Бидејќи нема да се откажеш и токму тука почнува битката. Ти ќе се бориш до последен здив и јас веќе гледам кој е на пиедесталот како резултат од таа битка.

Магијата на новиот ден не заслужува да биде засенета од солзите на една мрачна ноќ.

Викторија Саздовска

Напишете коментар