Skip to content

За тебе и твојата мистичност

Не, не те бев познавала порано. Од твојата сеприсутност паметам дека животот ми се промени. Од тој ден, секогаш се враќаш кај мене, како еден плачлив спомен. Ти си како еден ловец на души и успеваш да стрелаш право во моето срце. Со таа мистичност што ме излудува, зачекори во мојот живот. Полека, многу нечујно дојде. Се претстави. Твоето име го кажуваше толку смирено, што успеа да ми го привлече вниманието. А тоа беше вистинска реткост. Ме погледна. Очоте со боја на сафир, дали можеби станува збор за љубов, се запрашав и го тргнав погледот. Не издржав да гледам во твојата харизматичност.

Внесе нови мириси на сегашноста. Со магично стапче го избриша минатото и никогаш не ми дозволи да се навратам на него. Стави Април во мојот Декември, ги стопи снеговите со твоето сонце и ги заледи болките од едни дамнешни времиња. Правиш да го загубам осетот за време. Секогаш ме тераш повторно и повторно да се заљубам во твојата црна мистичност. Правиш да се запрашам дали навистина си таков каков што постоиш во мојата глава? Дали си реалност или магија?

Те паметам, а можеби и не. Што велиш? Можеби сето ова е илузија, можеби ова е некоја шега во мојата глава? Или сепак ти навистина постоиш сѐ уште таков непроменет и недопрен од други женствени дланки?

Каде замина тогаш? Зошто исчезна без трага? Зошто го остави она кобно писмо на излитеното дрво тој ден? Зошто ме напушти, а ме сакаше? Зошто ме натера да ти ги предадам срцево и душава кога мислеше да заминеш?

Лажам, ако кажам дека не те барам во гужвите. Треперам кога споменот ќе се вгнези кај мене. Слепо те барам, но се надевам дека нема да те најдам. Чекорам набрзина низ улицата со стуткана глава во шалот за да не те видам како стоиш и од некој агол ме демнеш со цигарата. Гледам надолу за да ги заборавам очите со боја на сафир. Не сакам да ги видам повторно тие усни, не сакам да слушнам ниту збор од нив. Листовите крцкаат под нозете и ме потсетуваат на тебе. Ова утро мириса на тебе. Времето некако побавно врви. Маглата го има зафатено градот, но сепак љубовта можам да ја видам. Колку чудно. Поминувам покрај нашето предградие и ја наведнувам главата за да не ги здогледам графитите испишани од нашата љубов. Ох, да. Ми текнува. Кога заедно се смешкавме и ти полека со твоите вешти дланки ќе нацрташе нешто. Ми текнува, како ме погледнуваше и како го испушташе димот од цигарата кога сакаше да ме придобиеш.

Не, повторно мислите за тебе. Ги стегам дланките, крцкам со забите. Ти нема да се повториш, многу ме болиш. Набрзина поминувам покрај зградата. Но веќе од другата страна ја здогледувам автобуската станица. Ми текнува на твоите чекори полни со самодоверба. Тој поглед со кој ме демнеше секогаш кога ќе се симнев на истото место. Ох, за миг ми се заврте. Како да те видов. Како да ја видов твојата сенка. Се развртувам. Гледам како автобусот полека доаѓа до станицата. Вратите се отвораат. Дали можеби ќе се симнеш? Отчукувањата на срцето се забрзуваат, возбудата расте. Стравот зема замав. Добро е.

Воздивнувам. Те нема. Автобусот заминува. Ох, проклето се надевам дека ти ќе се вратиш. Да, те сакам, да сакам да се вратиш, другото е лага.

И уште сега знам, дека многу ќе ми недостасуваш во овие студени, меланхолични денови бидејќи многу брзо се навикнав на тебе. На тоа да ги гледам секој ден твоите очи со боја на сафир, се навикнав да гледам како чекориш, да си близу, а сепак далеку од мене. Ох, знам дека многу ќе ми недостасуваш, но има надеж велат. И овој месец ќе помине, ќе замине со голема брзина како да сака што побрзо да те видам. И тој ден кога ќе се сртенат нашите погледи, ќе пишувам за средбата после долго време, ќе пробам тоа чувство во зборови да го претворам.  Ќе пуштам срцето да говори, што од тага, што од среќа. Знам дека и овој датум многу брзо ќе го отстапи местото на друг, деновите во часови ќе се претворат и овие часови во минути, секундите во разменети погледи, мигот на спојување, оној ден кога после долго време повторно ќе те видам, тебе мистичен човеку.

До следното видување.

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар