Skip to content

Кога стрелките ќе се спојат

Дојде и тој ден нели? Колку бргу помина оваа една година. Сега кога сме декември размислуваме за нештата што сме ги направиле во изминатата година. Како филм ни се емитуваат во умот сите насмевки и солзи, сите запознавања и разделби. Сè што нè соборило на земја и сè што нè издигнало на пиедесталот. Сите правиме пресметки и планови за нови победи. Ох, како да не ја сакам оваа година, кога во неа те запознав тебе? Тој миг сè уште ме скокотка по стомакот и предизвикува да се надевам дека сепак, сè уште постојат луѓе со љубов во срцата, токму како тебе.

Кога вечерва ќе отчука полноќ, тогаш сите ќе се прегрнеме едни со други. Ќе си размениме многу убави желби. Ќе се надеваме дека следната година ќе биде многу поубава и поуспешна од оваа. Ќе се помолиме на Бога да ни даде повеќе сила и среќа во новите 365 дена. Ќе имаме нови 365 прилики кои ќе чекаат само на нас, кои ќе бидат исполнети со многу благослови и среќа.

Вечерва, кога стрелките ќе се спојат, кога часовникот ќе се огласи, јас ќе помислам на тебе. Како ѕвездата што паѓа, во тој миг и во мојот ум ќе падне еден спомен кој ќе се стркала во моето срце и ќе го исполни со љубов. Ќе погледнам во небото, ќе ги видам ѕвездите како светкаат и ќе се помолам за нас. За едно поубаво утре. Ќе испратам една желба да отпатува до тој небесен свод и да се спои со универзумот. Ете таа желба е до толку голема. Тогаш ќе посакам ти да се оствариш. Ќе посакам да ја снема оваа болка од моето срце. И верувам дека не сум единствена. Вечерва илјадници желби ќе отпатуваат кон небото, како балони на хелиум пуштени на слобода. Илјадници молитви ќе бидат испишани.

Ох, но велат дека декември е месец или за почеток или за крај. Велат дека солзите што ќе се исплачат во декември ќе останат во оваа година. Велат дека сега е време да му се насмевнеме на животот. Тогаш ајде. Да му се насмевнеме за да ни возврати, да вдишеме магија и да ги отвориме срцата за убавини. Вечерва да ја запалиме свеќата на надежта и таа нека гори засекогаш, секоја наредна година, неуморно нека нè чува од мракот. Нека гори дури и во најтешките мигови. Нека ни ја осветлува душата дури и кога има заканувачки бури и неизбежни темнини. Ох Боже, нека надежта биде до нас. Ох, Боже и сите сакани. Ох, Боже и тој со неговите очи со боја на сафир.

Склопи ги дланките на полноќ и верувај дека нешто добро те очекува во новата година.

И не заборавајте, кога стрелките ќе се спојат сè е возможно, доволно е само да верувате во чуда.

Среќна Нова година!

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар