Skip to content

Најдобрите 10 книги од декадата која одмина според „Goodreads“

Навистина е тешко да се одберe и одреди кои се најмногу читани и продавани книги декадава којашто измина. Насловите кои овде ви ги предлагаме се дадени на познатата веб страница https://www.goodreads.com/ и создадени според оценките и гласовите на нивните читатели. Со оглед на тоа дека се работи за читатели од млада популација од англо-саксонско говорно подрачје кои живеат претежно во САД, резултатите се следниве:

  • На прво (1) место се наоѓа „Вината во нашите ѕвезди“ од Џон Грин, еден од омилените писатели на помладата генерација. Се работи за романтична драма, за една трагична љубов меѓу два тинејџери која е трогателна затоа што девојката е во терминална фаза на рак, но авторот докажува дека и некои трагични приказни може да бидат позитивни и да влеваат оптимизам.
  • На второ (2) место се наоѓа „Дивергенти“ од Вероника Рот, првото дело од нејзината научно – фантастична трилогија. Главен лик од оваа трилогија е Беатрис  Приори, млада девојка која живее во дистопискиот Чикаго, град од иднината. Владата го дели општеството на пет фракции врз основа на тестирање на личноста Кандор (чесност), Абнегација (несебичност), Дантела (храброст), Амити (спокојство) и Ерудит (интелигенција). Тестирањето на личноста открива дека Беатрис не спаѓа во ниту една од петте категории – таа е „Различна“.

Дивергенти“ е приказна за идентитетот и како луѓето ги градат своите идентитети наспроти влијанијата од семејството, врските и социјалните одговорности.

  • На трето (3) место се наоѓа „Мокинџеј“ од Сузан Колинс, повторно дел од научно фантастична трилогија „Игри на гладните“ , чијашто инспирација како што кажува самата Колинс ја наоѓа во грчката митологија и легендата за Тесеј и Минотаурот.

Таа е последна книга од оваа многу возбудлива трилогија која ви дава вистинско чувство дека сте во војна каде ништо не е исто и истовремено сте опседнати со спомени од минатото. Сите ликови се преставени со голема борбеност и силен карактер со што книгата станува многу тензична за читање и читателите се судруваат лице во лице со суровоста на животот.

  • На четвртото (4) место се наоѓа книгата на кралицата на психолошките трилери Џилијан ФлинЕјми ја нема“. Интересен и возбудлив трилер со кој Џилијан доживува светски успех. Ник и Ејми се спремаат да ја прослават петгодишнината од бракот кога убавата и интелегентна Ејми исчезнува мистериозно од животот на Ник. Под притисок на полицијата и родителите на Ејми, Ник почнува да се губи во големите лаги кои ги раскажува и сите се прашуваат дали е можеби тој убиецот?
  • Петтото (5) место го добива „Марсовецот“ на Енди Вир, книга која како и претходните четири е екранизирана на големото платно и за која сум сигурна дека сте го гледале филмот со Мет Дејмон во главната улога. Се работи за астронаутот Марк Ватни кој останува сам да преживее на црвената планета и неговата храброст и одлучност му го овозможуваат тоа.
  • Добитникот на Пулицеровата награда Ентони Доер го добива шестото (6) место со „Светлината која не можеме да ја видиме“, книга за ужасите и хорорите на Втората светска војна.
  • Ернест Клин се наоѓа на седмото (7) место со неговиот исто така екранизиран роман „Подготвен играч“.
  • На осмото (8) Касандра Клер со „Механички ангел“.
  • Деветтото (9) место, повторно научно фантастичен роман „Пепел“ на Мариса Мејер.
  • Последното десетто (10) место е за Џоџо Мојес за повторно екранизиран наслов „Јас пред тебе“ , односно за една романтична љубовна приказна на новата генерација, за двајца млади кои би направиле сѐ за љубовта.

Може да заклучиме дека книгите со научно фантастичен жанр се најпопуларни меѓу младата популација денес, а потоа следува трилерот и насловите со романтична тематика.

Се надеваме дека ќе ве заинтригираме да прочитате некои од овие наслови ако веќе не сте го направиле тоа. Исто така можете да ја гледате и екранизираната верзија од овие дела.

Напишете коментар