Skip to content

Новата декада почна, ни остануваат уште 365 неискористени можности од оваа година

На самиот почеток од новата декада навидум сè изгледа исто како и до вчера, и најверојатно е така само што сега сме една календарска година понапред и заокружуваме потполно нов почеток. Настрана од сите “новогодишни резолуции” што не е воопшто лошо секој од нас да ги има како некој „план“ што би нè водел во донесување одлуки во насока на остварување на целите, јас сум од тие што веруваат во нови почетоци. Под нов почеток не мислам дека тој треба да започне од некоја Нова година или од понеделник или од 1-ви во месецот. Истиот може да се однесува на сè што може да се започне одново. Односно од старт (од нула) и овде оставам на вашите креативни умови да смислат што би можело да биде тоа во вашиот случај.

Да се верува во нешто 

Сакам да продолжиме да веруваме дека никогаш не е доцна за ништо. Дека никогаш не сме премногу млади или премногу стари за нешто. Сметам дека нема „вистинско време“ или дека „работите никогаш нема да се променат“. Знаете зошто? Бидејќи сè може да се промени дури и во еден час, а не пак нешто друго на кое вие би можеле сами да влијаете. И не само тоа, ова го велам и поради тоа што некогаш на промените им е потребно многу време, па затоа важно е да не постои откажување во ниту еден момент. За себе покрај другото си посакав многу повеќе трпение насочено и кон себе, но и кон останатите.

Не е касно да станеме подобри луѓе, ниту пак да ги промениме оние нешта кај себеси што не ни се допаѓаат. Додека тие што не можеме ни останува само да ги прифатиме. И не станува збор само за промени на психички и физички план, туку и промени на нашите гледишта, начинот на кој се воспримаат нештата и начинот на кој се однесуваме кон останатите итн. Синоќа на социјалните мрежи голем дел од луѓето го споделија начинот на кој ја дочекаа Новата година (чекор што ниту го критикувам ниту го осудувам), а останатите имавме можност (и лично наша одлука) да ги гледаме сите „сториња“ и објави од огномети, сијалици, петарди и прскалки, алкохол, распеани и весели луѓе сликани покрај елка или како пеат и играат.

Натпревар на социјални мрежи или следење трендови?

Кристално е јасно дека не кажав ништо ново, сите што користат „Фејсбук“ и „Инстаграм“ го знаат ова и добро им се познати сите досетливи статуси, вицеви, вклучувања во живо и останати случувања поврзани со „најлудата ноќ во годината“. Лично јас вчера се трудев телефонот да ми биде оставен колку што е можно понастрана бидејќи некои моменти заслужуваат да се доживеат без присуство на екрани, блиц од апарати и мобилни за овековечување на моментите. Кога човек ќе размисли подобро неизбежно му се поставува прашањето: „Дали луѓето преку социјалните мрежи се натпреваруваат меѓусебно кој од нив си поминал најубаво, и кој имал најлуда забава?“

Сите останати што не споделивме ниту едно стори синоќа, заглавивме во 2019-та! Ве молам за разбирање, почекајте нè, ќе влеземе и ние во новата декада (иронично). И не сакам ова да биде сфатено како критика кон сите што поставиле некое стори или фотографија на социјалните мрежи бидејќи и јас тоа го правам, нема ништо лошо во тоа додека не се претера. Ниту сакам да бидам погрешно разбрана, затоа ќе ви објаснам зошто го потенцирав ова погоре. Луѓето можат да се забавуваат иако не е 31.12 (х година), истите тие можат да се соберат некаде заедно и без повод и причина во сосема кој било ден од останатите 364 денови.

Не мора да е “најлудата ноќ во годината“ за да ни биде многу забавно

Можат да го прават ако сакаат и 300 дена во годината, нели, прашање на личен избор. Можат да пеат караоке и во 10 наутро и во 22 часот навечер, ама баш кога им е по ќеиф и волја, а не дека ќе се менува календарски годината. И не, музиката не мора да се слуша најгласно само за време на „најлудата ноќ“ туку ќе ја слушам на најјако кога мене ќе ми одговара. Помодарството, докажувањето пред останатите и правење на работите само затоа што се „тренд“ за да не се разликуваме од другите нема да нè направи ниту попаметни ниту пак поуспешни.

Среќата, љубовта, личните успеси ако не се споделени на некоја социјална мрежа не значи дека отсуствуваат, но нели слободен „свет“ па секој нека си прави како што му одговара и како му е по волја. Кои сме ние или поточно која сум јас за да кажам како треба некој да прави? Всушност, сите го правиме она што сметаме дека е во ред да се прави, па затоа нема простор никој никому да суди или нешто слично. Колку и да изгледа „помодарски“ ако има силна порака и ако е уникатно, јас прва ќе го направам и поддржам. Така сосема нескромно ќе ви посакам да доживеете 2020х2022000 моменти на среќа исполнети со љубов, разбирање, меѓусебно разбирање, поддршка, инспирација и мотивација.

Мало потсетување

Потсетете се дека со секое менување на датумите станувате за една година поблиску до “крајната дестинација” па затоа живејте и дишете со полни гради, пејте кога сакате и од душа (без оглед дали ве слушаат комшиите и какви се вашите гласовни способности). Гушкајте се повеќе со најмилите, кажувајте им дека ги сакате тие што ви значат, имајте разбирање за секое живо (не)човечко суштество! Исполнете си ги деновите со нешта што ве исполнуваат душевно и немојте да се обвинувате за ништо! Живејте и бидете оној кој ги грабнува можностите додека навистина не дојде касно и се разбудите како 80 годишен старец/старица жалејќи за сите пропуштени шанси.

Факт е дека животот може да се живее многу поинаку од тоа како го живееме во моментов. Дека секогаш можат да се донесат поинакви избори и одлуки, но уште поголема вистина е дека самите ние сме одговорни зад секој наш избор и секоја наша одлука. Моја одлука беше да се обратам преку колумнава, но не е моја одговорност вашата реакција на истата. Така што, само ни останува да ги искористиме мудро следниве 365 останати денови од оваа година (престапна била и во Февруари ќе има 29 дена) и да чекориме храбро кон сите предизвици што ќе следуваат! До следно! На здравје паузирање!

Напишете коментар