Skip to content

Спротистави се на судбината

Толку ме болеше душата кога видов како твоето срце се крши на парчиња. Скришно те набљудував како чекориш низ темните улици, ги видов тие емоции што се стркалаа од тие очи прекрасни сино-зелени очи во вид на вода. Видов и како ја наведна главата под таа улична светилка. Ох, колку ли те болеше што не можеше во себе да ги задржиш воздишките и липањето, па остави ветерот да ги разнесе насекаде. Само Бог знае.

Видов како застана и безнадежно плачеше во тоа доцно, декемвриско попладне, на самиот праг на новата година. Го видов тоа големо страдање и разочараност, кои долго време ги криеше под маската на среќата. Видов како твоето изморено срце веќе не можеше да го издржи тоа темпо, што со месеци те загушуваше. И во ред е. Требаше така да биде, ти требаше да се исплачеш, за да можеш да се бориш понатаму. Понекогаш солзите се лек за душата и ферман дека ќе се преживее сè она што нè боли.

И моето срце почна да крвари кога ја почувствував твојата болка. Но, ти набргу стана и ги избриша солзите. Не дозволи болката да те конзумира. Повторно, во овој еден живот, ти ме восхити со својата огромна човечка сила. Се созема и продолжи со липање да чекориш по улицата. Борбено се пробиваше низ тресните улички, во таа темнина, додека сè уште по некоја солза се тркалаше низ твоите образи. Ги имаше стегнато дланките во тупаница, а погледот ти беше гладен за успех, за победа.

Но, самата болка е доволна. Самите солзи кажаа сè, самото станување од таа тесна уличка во тоа темно попладне, зборуваше доволно за твојата болка, која ти сепак успеа да ја надминеш.

Се осмели и се бореше. Падна и стана, падна и стана, но победи. И тоа е борец. Тоа е херој.

И секој треба да биде херој за самиот себеси, па за сите останати. Бидејќи на овој свет му требаат вакви херои кои се кријат во секој од нас.

И покрај секоја болка и покрај секое одбивање и разочарување треба да му се пркоси на животот. Треба да ѝ се спротиставиш на судбината ако сакаш нешто да промениш. Треба да чекориш онаму каде што никој нема смелост ниту да помисли да чекори. Треба луда храброст, верба и одлучност. Треба да знаеш дека ќе загубиш и никогаш не смееш да се откажеш.

 Само тогаш ќе победиш. Кога ќе се охрабриш да правиш работи што другите не ги направиле и да го предизвикаш животот на борба.

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар