Skip to content

Елисејските полиња

Дали може да се стави крај на Ќе?

За да стане одговорот неспознаен,

Бесконечен

И ќе остане да биде реторички

Дали ќе?

Дали ќе ме разбуди истото сонце

Под ѕвездите кои не можам да ги видам

Зошто ги крие

Темната настрешница на животот?

Дали ќе?

Дали ќе ме разбудат твоите солзи

Натопени со празен поглед

Зошто не можеш да ме видиш

На денското сонце и

Те сокрила правта на вековите?

Дали ќе?

Дали ќе останеш во крвта моја да течиш

Измешана со смола

Натопена со медитеранско сонце

Зошто твојата се впила одамна

Во далечните мориња

И не се враќа ниту со најголемите плими?

Дали ќе?

Дали ќе ми излегуваш во соништата

Натопена со проѕирни солзи

За да ме облееш со пот

Зашто непресушна е твојата тага

И никоја светлина не ја покрива

Твојата земја и

Само соништата ми ги појаснуваш

И оцртуваш во просторот?

Дали ќе?

Дали ќе отидеш и се вратиш

Онаму каде се скрил и Петар Пан,

Онаку каде ја одвлечка својата сенка

Затоа што само неа ја имаш

И некогаш ѝ читаш сказни на Месечината

А, јас те гледам од аголот на настрешницата

Онаа од која не  можам д а ги гледам ѕвездите,

Но сенките се секогаш видливи,

И ти се враќаш во земјата на Недојдените

Секој ден

А  јас, јас и понатаму слушам сказни

И ќе те чекам да се вратиш

Во бешумните ноќи.

Дали ќе?

Дали ќе?

Дали ќе се вратиш?

Дали ќе се вратиш од подземните реки

Со чамецот на Харон

И ќе побараш друг обол

За да преминеш во поубаво царство?

Зошто ги посакуваш Елисејските полиња

И тие тебе ти припаѓаат

И не припаѓаш веќе овде

Не припаѓаш веќе тука

И знам,

Нема да се вратиш!

Напишете коментар