Skip to content

Која сум јас – Марина Додевска

  • by

Името ми е Стих од најромантична песна.
Името ми е Книга на сите времиња.
Името ми е Другата жена.
Името ми е Немирна бессона ноќ.
Името ми е Дожд кој непрестано паѓа.
Името ми е Насмевка која прикрива длабока лузна.
Името ми е прегазено Време
и така било Пишано.
Името ми е овенато Лале жедно за капка вода.
Името ми е тивко октомвриско Ветре
и студен Коложег.
Името ми е непрочитано Писмо
испишано со перото од мојата крв.
Името ми е Кожа од забранети допири.
Името ми е Тетоважа на твојата лева страна.
Името ми е прерано завршена Приказна,
избледена Фотографија закачена на ѕидот,
искината Кошула во ормарот,
капка неиспиена Чаша љубов,
недорешена Задача од математика,
лошо напишан Код,
заборавена Лозинка,
добро одиграна Улога во серија,
изговорено Збогум со половина уста,
здодевен Ден и долга Ноќ,
Крофна со цимет и силно Кафе без шеќер,
туѓа Среќа и нечија Рана.
Името ми е Срце кое бескрајно љуби.
Името ми е Твоја и Несудена.   

Автор: Марина Додевска

Напишете коментар