Skip to content

Зошто не сакам да сум славна?

Една од дефинициите за значењето на зборот „слава“ е: „Широка популарност и сеопшто признание на нечии заслуги, квалитети и сл“. Друга дефиниција е оваа: „ Тоа со кое некој се гордее, гордост“. И третата дефиниција е оваа: „Восклик на признание, пофалба, почесто на умрени“. Според втората дефиниции единствено сакам да сум славна кај своите родителите, и тоа во контекст кога би рекле за мене: „Таа е нашата слава“ (со значење гордост) бидејќи нема подобро чувство од тоа кога ќе ги направиш горди своите родители без оглед за каков успех да се работи.

Само таква слава признавам, и токму „славна“ за некои работи кои не мора ни да се видливи со голо око за нешта што не можат да се допрат. Но кога во очите на оние што те израснале гледаш задоволство дека те создале и си прераснал во човек достоен за почит – нема поголемо чувство на сопствена радост и благодарност. Во сите други случаи не сакам да сум славна. Што подразбирам под тој термин? Ако се водиме по првата дефиниција тогаш би рекла дека нема човек кој е свесен за своите квалитети и кој не би сакал да добие признание за истите. Не сакам да го мерам успехот со бројот на признанија и награди. Иако тие се драги и добредојдени кај сите што нешто создаваат и творат. Во било која уметност, индустрија и секаде каде што се добиваат признанија, а тоа е речиси во секоја гранка од професиите.

Во полето на литературата досега имам освоено неколку награди што ми се исклучително драги. Тие само придонеле  посериозно да гледам на она што го правам. Ми биле поттик да продолжам понатаму. Нема подобро чувство од искрен коментар на луѓе што не ги познавам лично, а биле емоционално допрени од „нешто мое“. Во тој момент кога читам ми се јавува толкава благодарност што не знам да ја опишам со зборови. Тогаш си помислувам во себе: „е ова премногу значи, ова е вистинско признание“. Ваквиот искрен коментар од рандом читател/ка ми вреди колку пет признанија. Доаѓам до моментот што е неизбежен, односно, секој читател сака да знае чие е делото што го чита.

На почетокот кога го почнав блогот малкумина знаеја кој стои зад објавите, потоа дојде на ред „Поетски звуци и љубовни шепотења“ што беше нормално со мој потпис. После неа следеа неколку е-изданија и моето име стоеше на нив. Што се случи? Секако дека тоа не ме прави славна ниту во кој било момент сум се почувствувала така. Ниту пак целта ми беше да станам “популарна“ објавувајќи ја збирката. Денеска речиси секој може да издаде книга, како што секој може да стане пејач. Се издвојуваат оние чија цел била да станат “популарни“ и оние кои вистински сакаат да остават траен белег во општеството. 

Бројот на следбеници и лајкови по истите мрежи не го прави некого „популарен“ или „попопуларен“ од останатите „обични смртници“ што не вклучиле опција “следење“. Во виртуелниот свет кој некогаш беше бегство од реалниот свет, а денес реалниот свет е бегство од виртуелниот, секој има право да се претстави како сака. Моќта, но и влијанието на истите мрежи стана огромно во последнава декада, според многу показатели. Колку се тие позитивни или негативни зависи токму од оној што ги употребува. За нивното значење во друга прилика.

Ако се водам според третата дефиниција – оддавање признание, пофалба на веќе починати луѓе, тогаш најверојатно ова не е нешто што го посакува секој. Но често им се случувало на писателите и уметниците во минатото низ историјата. Постхумно признание за одреден придонес во општеството. Нема кој не сака да биде препознаен и признат, но дали тоа е на сметка на излегување од приватноста и од “удобната зона на непознатото?“ Големите успеси, достигнувања кои се од голема важност за културата, заедницата и поширокото општество одат рака под рака со излегување од анонимност. Колку повеќе за нив се слуша толку повеќе успешниот не е веќе само познат по неговото име и презиме туку и според она што придонесол. 

Сите не гледаме исто на поимот “слава“ (досега многупати спомнат во текстов). Таа не се постигнува само кога ќе те препознаваат секаде каде што ќе појдеш. Ниту пак кога твоето име и фотографија ќе стои по билборди или реклами. Ниту пак кога ќе се појавиш на ТВ во некоја емисија или ќе прифатиш интервју во некое радио или весник. “Медиумската заинтересираност“ за тебе значи дека некој те препознал и дека имаш што да кажеш. Но од друга страна поентата ми е дека со достапноста на социјалните мрежи и опциите што ги нудат, многу поверојатно е  таму да бидеш попрво “забележан/а“. Отколку на друго место, во денешно време. Всушност ти не си славен туку твојот лик е препознатлив за разлика од мнозинството.

Дали е тоа во ред или не, оставам читателот да заклучи. „Сакам да сум славен и кај Бети да сум главен“  се вели во стихот од „Неправда“ од Лева патика. Сметам дека секогаш ќе биде подобро да си “главен“ во животот на тие што навистина те почитуваат, те разбираат и поддржуваат, отколку да се сметаш за “славен“ според број на следбеници на Инстаграм или Фејсбук. Зборот не го поистоветувам само со популарност на социјалните мрежи. Тој има поголемо значење. Кога некој ќе изговори нечие име и презиме, секој што ќе го слушне ако го асоцира на нешто што произлегло или корисно што го направил споменатиот е доказ дека споменатиот извршил некакво влијание.

Славата носи и предности и недостатоци, а вистински славните добро го почувствувале тоа на своја кожа. За почит се оние што знаат “да се носат“ со неа и “не ги удира по глава“ бидејќи знаат дека по ништо не се разликуваат од останатите освен по нивните достигнувања. На крајот од денот сите сме под исто небо и сите дома сме обичните луѓе. Битија со свои проблеми, слабости, несигурности, маани, недостатоци и доблести, без оглед на професија, вера, достигнувања и престиж. Бидејќи престижот не смее да биде главна цел на ниеден човек, затоа не сакам да сум славна.

Без оглед каде ќе ме одведе животот понатаму, јас ќе бидам истата онаа што сум и сега. Во денешно време секој може да стане “славен“, но во вистинска смисла на зборот според првата дефиниција е реткост. Зборот е тежок за да се употребува често и да се додава како епитет кај одредени поединци. Не сакам да бидам сметана за “популарна“ според бројот на следбеници што ги имам. Или според бројот на лајкови или коментари на некоја фотографија. Не сакам да сум славна, но сакам да правам општествено добро. Нешто по кое ќе бидам запаметена макар и кај стотици луѓе од вистински причини отколку кај сто илјади од лажни и нереални.

Може уште многу да се зборува на темава. Ова се некои мои ставови и видувања. Не очекувам сите да се согласат со истите. Најмалку ќе се согласат оние чиешто најголемо достигнување е прикачување на фотографија на која добиле 1298 лајкови и 43 коментари. Не живееме за лајкови, коментари и популарност или станување “славен“. Животот има многу поголема смисла и цел од тоа да се биде активен во виртуелен, а исклучен од реален свет. На здравје паузирање! До следно!

Наталија Наумовска

Напишете коментар