Skip to content

Неостварени желби – Викторија Саздовска

Дали сите неостварени желби од овој свет одат во еден вид на молитва кон бесконечноста? Дали таму остануваат како сјајни ѕвезди засекогаш? Зарем има милијарди неостварени желби, таму некаде во ушите на облаците, во очите на небото? Ох, се прашувам колку ли желби блескаат на темното платно, дури и во најтемните ноќи. Се прашувам зошто останале под покривката на бурите и не се оствариле. Зарем еден човек не заслужил да му се исполнат и најголемите желби? Зарем човекот навистина треба да даде дури и повеќе од тоа ,,сè од себе”, за да ги оствари сите свои желби, па дури и тогаш да загуби? Како може светот да е толку суров, та не дозволува да се остварат. Како светот не крвари од вриштењето на луѓето, од нивните лелеци и солзи?

Кој е тој закон што душите не го познаваат? Се прашувам колку магија има во тие неоставрени желби, колку тони копнеж содржат. Колку солзи неисплакани и колку воздишки можат во нив да се најдат. Сакам да го видам сјајот во очите на луѓето кога ги замислувале и кога безбедно ги испратиле на небото. Сакам да ја видам нивната тажна насмевка кога знаеле дека никогаш нема да се исполнат. Да имам моќ барем на еден ден, би ги исполнила сите овие неостварени желби. Би вдахнала уште повеќе живот во нив, ќе ги реанимирам, сè ќе направам само душите на луѓето да воскликнат во среќа.

А која е твојата најголема, најдлабока, неостварена желба? Шепни ја и спој ги дланките. Погледни кон небото и испрати ја, во надеж дека сепак еден ден ќе ти се исполни. Биди храбар и замисли многу такви желби. Сепак, некогаш животот прави исклучоци. Кога доволно посакуваме нешто, па и невозможното станува возможно. Ти пуштам магија низ воздухот за да веруваш во овие желби. Само продолжи да веруваш.

Викторија Саздовска

Напишете коментар