Skip to content

Пишување песна – Гане Тодоровски

Гане Тодоровски, поет, литературен критичар и научник, е роден во Скопје 1929 година. Дипломира на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. До пензионирањето работи како редовен професор на Филолошкиот факултето при истиот Универзитет. Бил амбасадор на Р. Македонија во Руската федерација. Член е на ДПМ од 1951 г. Автор е на повеќе збирики меѓу кои „Во утрините“ (1951), „Тревожни звуци“ (1953), „Спокоен чекор“ (1956), „Божилак“ (1960) и други. За денес ги избравме овие стихови со наслов „Пишување песна“.

Пишување песна

Саноќ го чекав снегот важен
Да почне да се пласти –
Да земе збор та нешто бело да каже
Да почне црнилата на денов да ги гаси!

И ене, наутро утре, почна да кваси,
Побеле светот, бело е сѐ или сѐ е бело
(Како во детските песни на Стојан Тарапуза).
Зимата земала право чистота да провозгласи.
Ќе се согласите – тоа е хумано дело!

Погледот ми се радува, раздетинето.
Силен е снегот – тој може светот да го спаси –
Почнува божествен миг да тече.
Врз сивотијата довчерашна покривка бела краси,
Мигот е совршен, верувајте,
Што ако е строго противречен?
Што ако е мигов кратковечен?
Имаме за него точен запис…

Напишете коментар