Skip to content

Помпеја – Ристо Лазаров

Понеделнички една убава песна од нашиот поет Ристо Лазаров – Помпеја!

Помпеја

Тој августовски ден
замолкнале наполитанските пејачи.
Немилосрдниот Везув
ги истурил сите светски резерви
од пепел врз градот во кој,
како што е градскиот ред,
имало форум, бањи, вили на министри,
имало грниња – некои полни
со вино, некои со златници.
а имало и недоброј каупони,
малечки кафеанчиња
со питија и мезиња,
Имало и О соле мио на сет глас,
Имало, како да немало, и бордели:
фалусот, такаречи, бил симбол
на градот. Сега е симбол
на пеплосани фалуси. Уште
колку векови ќе требаат
да живне како што прилега
стариот симбол на градот?
Некои бордели веќе се обновени,
реставрирана е и една
еротска фреска: ѕиден доказ
дека додека има свет ќе има
и фалуси. И обратно.
Помпеја оживеа славејќи го фалусот.
Во Неаполскиот музеј постои
тајна збирка на пеплосани фалуси
– некои вкочанети, некои свиткани
како лебедови вратови. Со верба во
воскресот на фалусот се тешел
и Плиниј Помладиот кога
отспротива Неаполскиот залив
го гледал беснеењето на Везув.
Плиниј, жив сведок на создавањето
на уште една terra tenebrosa
со покровка од пепел
и прв трагач по некој птичји фалус
кој ќе ја создаде птицата феникс.
Фалусите никогаш нема
да му го заборават тоа.
Не се баш дементни
и во Стибера на Црна Река
во Македонија, иако нив
сѐ уште ги посипува со пепел
локалната термоцентрала.

Напишете коментар