Skip to content

Вака настанала најубавата љубовна песна: „Чекај ме и јас сигурно ќе дојдам“

„Чекај ме, и јас сигурно ќе дојдам“ според мислењето на многумина е една од најубавите љубовни песни некогаш напишана. Ја напишал Константин Симонов, а поради условите во кои е создадена влезена е во антологии. Симонов бил голем руски писател, поет и патриот чијашто судбина често го носела на воени фронтови. Безнадежно бил заљубен во Валентина Серова, тогаш најубава и најпопуларна глумица. Но, таа била омажена. Нејзиниот сопруг бил генерал којшто таа многу го сакала, но тој починал. Таа долго страдала. Потоа се впуштила во многубројни љубовни афери, но никого не успеала да го засака како нејзиниот покоен сопруг. Во воените 1940 години го запознала Симонов кој со години мечтаел за неа. Тие започнале врска која била сѐ она за кое поетот мечтаел, но неволјите допрва доаѓале.

Симонов заминал на воен фронт и во екот на најголемата борба сфатил дека нема дома да се врати жив.  Единствено што го одржувало била фотографијата и мислата на неговата преубава Валентина која желно исчекувала тој да се врати. Тогаш одлучил да ѝ напише песна во која ќе ѝ каже колку ја сака дури и кога нема повеќе да постои. Песната која требала да стине до Валентина после неговото загинување ја ставил во џеб мирно исчекувајќи го својот суден ден. Меѓутоа се случило чудо – единицата во која се наоѓал Симонов го избегнала крајниот удар од непријателите и поетот жив и здрав се вратил дома кај неговата драга со песната во џеб. Се венчале во 1943 г., а песната за љубовта што ја надминала смрта во комбинација со „среќниот крај“ го обиколила целиот свет, и е преведена на 35 јазици!

Ви го пренесуваме преводот што го направив за истоимената песна.

Чекај

Чекај ме, и јас сигурно ќе дојдам
само чекај ме долго.
Чекај ме и кога жолтите дождови
ќе ја исполнат ноќта со тага.
Чекај и кога жештината ќе почне да пече
и кога силните снегови ќе ја избришат,
чекај и кога никој друг
нема да чека повеќе.
Челај и кога писмата ќе престанат
да доаѓаат оддалеку,
чекај и кога чекањето ќе му здодее
на секој што чека.
Чекај ме, и јас сигурно ќе дојдам.
Не ги слушај кога ти велат
дека е време да заборавиш како надежта лаже.
Нека поверуваат и синот и мајката
дека повеќе не постојам,
така нека се уморат чекајќи
и сите мои другари
и горкото вино за мојата душа
нека го пијат крај огништето.
Чекај. И немој да седиш со нив,
и немој да пиеш ништо.
Чекај ме, и јас сигурно ќе дојдам,
ни целата смрт нема да ме убие.
Нека каже тој што не ме чекал:
Тој имал среќа!
Кој не знаел да чека, тој нема да разбере
ниту ќе знаат другите
дека ме спаси ти единствена
со твоето долго чекање.
Ние двајца ќе знаеме како
да го преживемее овој проклет оган,
бидејќи ти знаеше да чекаш
како никој друг на светот.

На видеото можете да го слушнете Раџе Шербеџија како ја рецитира истата.

Прочитајте и за љубовната приказна од Хенри Милер и младата Бренда Венус.

Напишете коментар