Skip to content

Коњите на Крушопек – Јована Јаневска

  • by

Последната белешка

Средина на Јануари. Ладно е, би требало да останам дома и да ја лечам настинкава која ја стекнав на кајак минатиот викенд, пловејќи сред клисура како единствен лудак во овој период од годината. Ама во борбата меѓу духот и умот, кај мене секогаш победува духот и врската со природата. Душава заробена во градот, во ходниците на клиниката, во лифтовите, во капиталистичкиот лавиринт кој нè голта секојдневно, чувствуваше жед за планината. Некакви повици од дивината добивам секогаш кога туѓата волја за моќ го нагризува кревкиот мир во градиве. И денес решив да се искачам на скопските ридови, за да му се насмеам на скопскиот метеж, на скопскиот хаос, на неважноста на деталите со која си го трошиме духот.

Рано утро е, влеговме на ранчот, околу дваесет коњи ги подаваат главите за да ги допре сонцето. Очиве го бараат мојот Цветко. Уште од првиот момент кога го видов и погалив, ја почувствував конекцијата. Не морав силно да ги повлечам уздите, за Цветко да разбере дека треба да застане или заврти. Многу повеќе му зборував, отколку што ги следев инструкциите на водичот. Пешачејќи ги пренесовме коњите преку Вардар. Ѕвездан, еден од најкомпетитивните коњи кој не сака да го следи редот, Гром водичот и најголемиот коњ на клубот и мојот Цветко, белиот убавец со смирен дух и голема сила, денес нè водеа низ скопските села. По стрмните козји патеки, покриени со лизгави камени плочи, слушајќи го тропотот на поткованите копита на големите коњи, се искачивме над Ѓорче Петров.

Низ лозја и извори, низ сандаци полни пчели и стари напуштени куќи, стигнавме на средселото на областа Крушопек, напуштен крај, со срушени стари и со камен градени куќи. Ѕвездан два пати се крена на задните нозе, покажувајќи моќ и супериорност над другите коњи, поради што сестра ми доби повреда на десната нога. Ги врзавме коњите на дрвената бандера, ги напоивме свежа вода и застанавме да се згрееме стоејќи под слабото, но упорно јануарско сонце. Го зедов апаратот и се симнав сама да прошетам низ дворовите на напуштените албански и македонски куќи. Во секој двор имаше бунари и амбари, камени плочи, осамени чардаци, родни дрвја и бршлен кој се плете низ гредите и навестува дека сепак на крајот природата го победува бетонот. Седнав на еден крај од бунарот, ја стишив крвта во вениве и мислите почнаа сами да го наоѓаат редот во главава.

Размислував за пишувачите, за патописците, за трагачите. Зошто мора секој дел од присутното, секој кварт од невидливото, секој белег од минатото, толку силно да нè допира и да не ни дава мир додека не го почувствуваме, преживееме и спроведеме до душите сродни на нашите? Пишувачите се онаму каде што не се луѓето. Пишувачите се оние кои со денови, за парче душа, а не за паричен надоместок, го трошат времето во локалните библиотеки и книжари, сакајќи да го проучат процесот на издавањето на книгите, дизајнот, жанровите. Редејќи ги книгите на големите дрвени полици, по азбучен ред секоја на своето место, го наоѓаат сопственото место во книжевноста, сопствените извори во писателите кои ги крепат во творечкиот процес.

Се сеќавав на деновите кога после предавањата во големите дрвени амфитеатри на медицинскиот факултет, наместо да го повторувам материјалот дома, јас неколку часа ги поминував во книжарата “Икона”, читајќи книги за Кабул, Ирак, Сирија, македонски драми, руски класици и воглавно босанска литература. Во “Икона” научив дека душата на книгите е меѓу кориците, а не на нив. Дека скопските книжари повеќе личат на продавници за прибор, отколку на светилиште на книгите. Дека славата на авторот не значи и вредност на делото, дека цената на делото, не значи и квалитет. Дека експонираноста на предните и првично видливите полици не значи содржински богато дело, со оглед на тоа што “Кротка” на Достоевски, ја најдов прередувајќи ги најдолните полици кои не се користат, зафрлена меѓу одамна наталожената прашина.

Во душава пишувачи не се луѓето кои влијателноста ја вреднуваат повеќе од честа на писателскиот збор. Моменталната слава и будење на љубопитност кај читателите не гарантира трајна меморија. Пишувачи се оние кои ги забораваат своите записи во хотелски соби, на автобуски седишта, на поткровја или во подруми. Но тие записи секогаш го наоѓаат своето место, меѓу две корици или во неколку срца. Трајноста на делото е толку моќна што преживува палење на библиотеки, уривање на архиви, па дури и крајот на животот на нивниот творец. Жал ми е што нашата младина не ги чита македонските, српските, босанските, па и руските автори.

Жал ми е што многу дела кои треба да бидат основа и темел на духот, не се преведени на македонски јазик, па ретки сме тие кои девет часа преведуваме стари српски изданија во читалните на Скопје. Жал ми е што не се развива критичкото мислење на младината, што не се поттикнува желбата за градење сопствен книжевен идентитет, што се следи мислењето на толпата, наместо да се брани своето со макотрпно градени забелешки. И за да не се задлабочам во брановите разочарувања од времето во кое поминува мојата младост, воглавно низ протести, бунтови и неправда.

Се враќам кај коњите за да го продолжиме патот. Еден насмеан човек, стар албанец, еден од последните жители на Крушопек со насмевка го галеше Цветко, велејќи му дека е коњ за борба. Цветко гордо, силно издишуваше и удираше по земјата. Со стариот човек поразговаравме за старото Ѓорче Петров, со старото име Андреево, за Матка и околните села. За животот кој побегна од скопските ридови, барајќи подобра иднина на западот. За тагата на македонските и албанските мајки по конфликтот, кој не го допре соживотот меѓу збратимените старци низ овие села.

За конфликтот во кој децата војуваа на спротивставени страни, а старите родители повторно заедно ја пиеја својата утринска греена ракија на иста маса. Бидејќи политиката не ги брише деновите кога помагале едни на други со храна, со вода. Кога заеднички ги гаселе пожарите кои им се наближувале, кога зaеднички ги закопувале мртвите на одвоените гробишта. Се качивме на коњите, стариот човек нè испрати мавтајќи со раката во воздухот, ја заобиколивме селската џамија и се упативме кон Нерези. Додека спокојно јаваме, во главава ми поминуваат обврските кои треба да ги завршам, образованието кое треба да го продолжам, книгите на кои им ветив дека ќе ги прочитам. Рускиот јазик кој ја крепи онаа исконска љубов кон книжевноста, двете билбилчиња и двата мачори со кои живеам, сите луѓе чии права се повредени, сите општествени проблеми кои не знам зошто ме допираат и сето тоа создава една конфузна, но убава магла во главава.

Сфаќам дека тоа е младоста, тоа е животот кој струи и одржува, тоа е мисијата која нè турка напред, тоа е силата која ме држи во живот. Цветко полека гази по стрмниот рид, го галам по гривата чувствувајќи го неговиот замор. Застануваме на работ од патот.
Зајдисонце и црвено небо над Скопје, крај на уште еден ден од долгиот Јануари.
Време е да му се вратам на градот.

Јована Јаневска

Напишете коментар