Skip to content

Час на повторна средба

Ох, драги. Една горка насмевка ми се разлеа по лицето. Погледот го закотвив на местото од каде твоите замислени погледи допираа до мене. Очиве со созли почнаа да се полнат како никогаш да не плачеле. Целото битие почна да трепери. Ги стегнав дланките и ги доближив до образите. Се трудев да не заплачам додека те гледав тебе, свртен кон мене во гужвата на луѓето кои упорно се разминуваат без да знаат дека токму во тој миг несреќно се сретнаа двајца странци кои еднаш се сакаа повеќе од нивните животи.

Срцето после толку долго време го извади превезот и плачеше ли плачеше. Душава вриштеше во болка, дланкиве сакаа прегратка, а усниве копнееја по твоите бакнежи. Како да ме ранија со илјадници куршуми во тој миг. Како целото тело да ми крвареше. Сите рани кои останаа таму некаде позади нас, сега се отворија и печеа повеќе од било кога. Ти стоеше близу до продавницата, со витка става. Ќесите полека ти паѓаа од дланките и крцкаа на ветерот. Праменчето од твојата црна коса ти паѓаше на очните капаци и ги прекриваа твоите страсни сини очи. Погледот не ти се сменил. Останал истиот. Полн со љубов кога тие како катран црни зеници ќе ме здогледаат.

Твоите големи дланки затреперија, а усните ти се раширија во насмевка. Ја навали главата и заплака додека беспомошно ме гледаше на таа дозволена далечина. Ја крена дланката и мафна кон мене. Како да беше закован за тоа место, та не можеше да дојдеш кон мене. И јас посакував. Посакував со раширени раце, со солзи радосници да трчам кон тебе за што побргу да се засолнам во твоите големи раменици. Посакував како некогаш да ме прегрнеш и да се почувствувам заштитена од светот.

Ги затворив очите и земав длабок здив. Многу ме болеше. Твојот мирис допре до мене. Со брзи чекори почнав да одам кон тебе. Малку храброст беше доволно. Ти ги рашири рацете и дојде на средината од улицата. Се шмешкаше и замавнуваше со главата додека ронеше солзи среде бел ден како мало дете, а вети дека нема да плачеш. Знаеше дека јас правам лудости кои подоцна многу болат. Токму како оваа. Се заринав во твојата прегратка и почнав да липам од болка. Коските закрцкаа од таа средба. Љубовта беше толку очигледна, што воздишките ни се испреплетоа.

Срцата почнаа да ни чукааат во еден ритам додека силно ме прегрнуваше на млакиот ветер. Знаев дека за ова уште долго срцево ќе плаче. Бог е сведок дека ниту малку не очекував да те сретнам тебе странецу, кој замина со сите мои спомени. Замина со целата љубов и не ми остави ништо друго. Замина за да можам повторно да те најдам. И ете. Дојдов. Душава патот ми го покажа. Бев слепец што гледа, глувтар што слуша, мислител којшто е глупав. Болен што бара повеќе од отровот кој минува низ неговите вени. Те барав тебе и останав да страдам во храмот каде бев окована од оваа слатка грешка. Бев окована од желбата за тебе, која најпосле беше тука, остварена, меѓу моите две дланки, во прегратка.

Викторија Саздовска

Напишете коментар