Skip to content

Се претворив во трагач

Не е лесно да трагаш, а да не знаеш по што си тргнал. Чекориш по трнливи патеки и се обидуваш да му дадеш смисла на секој изминат чекор, но и на секој следен. Правиш пресметки, планираш, анализираш, а некогаш ништо од тоа – пред да се активираш. Активностите што ги правиш стануваат дел од тебе, а секојдневното практикување те води кон создавање навика од која тешко се откажуваш. На човек лесно му е да си создаде навика, или барем така изгледа на прв поглед. Но велат дека навиките тешко се менуваат. Јас велам дека штом постои навика мора таму некаде да има и одвика.

Секој почеток е тежок, а ниту подоцна не се олеснуваат работите туку само ние се навикнуваме на нивната тежина. Рекле: „секоја планина – своја тежина“, и не може да биде поточно. Секому му се чини дека неговите проблеми и тешкотии се најголеми сè додека не се соочи со вистината дека „можело да биде и полошо“ и дека таму некаде некој се соочува со уште многу полошо. Тогаш сопствениот проблем изгледа толку малечок спореден со некој грандиозен, што дури грижата станува смешна, а себесожалувањето одбивно и непосакувано.

Кога би се собрале сите проблеми со кои се соочуваат луѓето во целиот свет тогаш би се поставиле многу прашања, на кои никој нема да може да даде еден и точен одговор. Јас барав, барам и сè уште го барам она по кое сум тргнала. Не знам каде ќе ме одведе патот на самиот крај, но досега патиштата беа турбулентни, трнливи, со кривини, со угорнини, рамнини, дупки, асфалт, поплочени со понекој трн, а некаде со каранфил, некои беа со камчиња, а некои со вирчиња. И не се покајав за ниту еден изоден пат. Тие ме донесоа овде каде што сум сега. Не зажалив за ниедна болка, за ниеден неуспех и за ниедна грешка. Тие успеаја да ми помогнат да бидам ова што сум сега и поради нив знам што сакам да бидам.

Не е страшно ако по патот се изгубиме и го згрешиме правецот сè додека не го вклучиме повторно компасот и продолжиме во правилна насока. Еднаш реков да се биде човек е најтешката работа на светот, знам дека не згрешив. Сега само би рекла дека покрај тоа што е најтешката работа на светот истовремено може да биде и најлесната. Звучи контрадикторно нели? Но што има врска! Во животот толку работи се контрадикторни, а функционираат речиси совршено добро. И не, животот не е комплициран туку ние го правиме таков. Бидејќи сме компликувани суштества и наједноставните нешта можеме да ги направиме најкомплицирани на свет, а од тоа да не се измориме.

Ама јас веќе се изморив од многу работи, освен од својата потрага. Таа никогаш нема да престане. Трагам по себеси секојдневно. Си простувам и се трудам да не бидам престрога кон себе. Трагам по почит која нели за да ја добиеш треба да ја заслужиш. По вистини кои најчесто ги пронаоѓам кога ќе се замолчам. Во тишината на ноќта водам бескрајни дијалози со другата во мене. Трагам по љубов која се обидувам да ја насочам прво кон мене и да ја нараснам во себе. Се обидувам да се засакам целосно. Знам дека во себе имам толку љубов збрана која ако се мереше со нешто би ја споредила со длабочините на најголемите и најдлабоките океани.

Трагам по правдина и сакам еднаквост за сите. Трагам по убави мисли, зборови и приказни што ќе ме инспирираат, а за оние негативните мисли глумам „дежурен судија“ и ги бркам како да се најголеми криминалци. Трагам по топлина, по таква што може да се почувствува и кога надвор се минусни температури. Трагам по чуда оти знам дека постојат таквите, иако велат дека траеле само три дена. Трагам по инспирација, но таа е присутна секогаш, треба само да се поттикне. Трагам по мотивација токму преку сопствените постапки, но и идни планови.

Се претворив во трагач и патник без крајна цел и дестинација. Оти животот е своевиден пат кој секој мора да научи да го изоди сам. Трагам по среќа, и научив дека таа е во мене, во секој дел од моето битие и истата се бори со темните и мрачни мисли кои се под раководство на тагата.   Животот е баланс, а јас уште учам како се балансира помеѓу срцето и разумот, помеѓу важното и неважното, лошото и доброто, убавото и грдото, светлото и темното, сонот и јавето. Важно е само да не престанеме да балансираме!

Наталија Наумовска

Напишете коментар