Skip to content

Светот се стишува, мора да го следиме!

Во моментов низ целиот свет, но и кај нас се случува пандемија на корона вирусот (COVID-19). Пред малку кај нас беше прогласена вонредна состојба. Сите сме информирани околу начините на ширење на смртоносниот вирус. Веќе некој период подолго време сме во своите домови.

Министерот за здравство постојано известува за состојбата, дава препораки преку пресовите, ги соопштува заштитните мерки. Апелираше да не се излегува од дома освен ако постои некоја обврска што не може да се одложи, или по набавка на основни намирници за прехрана.

Што му се случува на светот?

Целиот свет е запрен, имаше и масовна паника и пазарење по маркети (читај тепачки за производи) како да ќе доаѓа крај на светот. Тоалетната хартија води како најпродаван артикл по маркетите. Кај нас има околу 30 и нешто заболени (сум загрижена дека оваа бројка ќе расте деновиве). Следам препораки и во овие десет дена од дома излегов само еднаш.

Светот е на „групна рехабилитација“, како да мораше да се појави вакво нешто и да нè запре сите. Како да сакаше да рече: „Стоп! Чекајте малку, мора да се свртите кон себе, животот секако е пребрз, мора сите да забавиме. Да се вратиме во домовите и да седиме подолго во нив за подобро да се запознаеме себеси и најблиските. Треба да се дисконектираме за повторно да се поврземе!“.

Ова е една групна, масовна, колективна борба во која човештвото мора да победи. Во која секој поединец треба да биде дисциплиниран и да се грижи за себе и истовремено за тие околу него. Седењето во домовите не е само помош и допринесување  за бавно ширење на вирусот и заштита од него, На него треба да се гледа од повисока гледна точка и од друг агол.

Што да правиме сега?

Социјалното дистанцирање да не ни паѓа претешко бидејќи (ова е светла точка во мракот) е одлична можност за свртување околу себе, кон своите потреби, желби, планови, цели. Притоа подобро запознавање на домашните или луѓето со кои живееме и делиме ист покрив.

Ова е шанса за занимавање со хобија, прочитување на сите непрочитани книги, филмски маратони, занимавање со креативни изработки, уметност, готвење и испробување нови рецепти во кујна. Преуредување на домот (може и некое креативно декорирање) и негово чистење – да сјае (хигиената пред сè).За правење сè она за кое сме викале (и навистина) сме немале доволно време за да го правиме.

Додека го пишувам ова се потсетив на минатото во времето кога немавме интернет, бев основно кога во Србија имаше бомбардирање.
Можеби бев премногу мала за да разберам што точно се случува таму кај нашите северни соседи и со што се соочува мојата фамилија која живее таму, но никогаш нема да заборавам какви чувства будеше тоа тогаш. Подоцна и кај нас изби нешто слично на воен конфликт во неколку места во земјата каде што татко ми како припадник на безбедносните сили учествуваше во одбраната.

Беше отсутен од дома 2-3 недели, а ние бевме во постојан страв и паника, и паметам дека едвај чекав да се врати назад. Со истото се имаат соочено сите семејства чијшто членови беа на тие „фронтови“.

Ова е само едно мало потсетување дека нашиот народ, но и целиот свет низ историјата, (во постоењето сме доживеале и преживеале и пострашни случувања). Нема да речам пострашни бидејќи не знаеме уште каков ќе биде крајниот исход од моменталната состојба.

Повторно сме пред еден огромен предизвик – кој сега е прашање на живот или смрт

Од нас зависи во голема мера развојот на настаните! Министерот беше јасен во насоките, сите сме информирани (кој колку може и се снаоѓа) за короната. Постојано следиме по медиумите најнови вести, информации. Твитер е преплавен со твитови на темата (среќа што постои за да се разбие монотонија преку добриот хумор во правилна доза). На интернет насекаде се пишува и зборува за тоа, на друштвените мрежи можете да најдете многу известувања за она што се случува во светот.

Јавни личности и светски познати ѕвезди се обидуваат да испратат порака на свој начин и се обидуваат да ја подигнат свеста преку давање препораки за останување дома. Вчера видов и тазе слики на еден странски портал кој ја враќа вербата во човештвото и сепак за наша среќа хуманоста и добрососедството сè уште постојат!

Овој е можеби најголем ТЕСТ за сите нас во последниве минимум 10 години. Нема да пишувам за книгите и медицинските учебници во кои била предвидена појавата на вирусот, тие кружеа по интернет. Не ми е целта ширење никакви недокажани и непроверени информации без приложени факти. Сакам ДА ВЕ ЗАМОЛАМ СИТЕ што го читате и слушате ова (се надевам) дека СИТЕ ЗАЕДНО сплотени ќе се потрудиме да го положиме овој претежок тест кој од нас не бара многу.

Прелесна задача за интровертите

За интровертите (кои ретко го напуштаат домот освен ако немаат потреба) ова е прелесна задача.
Останатите треба да се привикнат на новонастанатата ситуација. Нужно е сите заедно да останеме ментално силни и физички во добро здравје. Да не заборавиме дека и дома постојат услови за вежбање, и да не претеруваме со консумирање храна.

Нема да ги набројувам препораките за што треба да правиме седејќи дома (во друга објава имам напишано препораки за домашни активности).
Но сакам да ве поттикнам на целава ситуација да гледаме рационално и со ладна глава. Без преувеличување, но и без потценување на истата.
Овде важи изреката: „Заедно сме посилни!“, дејствувајќи индивидуално правиме добро за цел колектив.

Да останеме смирени, позитивни и оптимистично настроени колку можеме, со прифаќање на реалноста каква што е, за да ја победиме битката!

Здравствените работници, цел медицински персонал, но и сите останати работници што се грижат за да останете снабдени со храна, работници во останати сфери, како и оние што се грижат за чистотата на околината и редовно го собираат ѓубрето, отпадот, сите овие се наши херои што најмногу го ризикуваат нивното здравје, а со тоа и животот.      

Капа им симнуваме на сите здравствени работници и тие што одеа на работа во најризичниот период

Во мисијата да спасат минимум 10 животи тие ризикуваат да го изгубат нивниот. Поблагородна, повеликодушна, попожртвувана и похумана работа од онаа на здравствените работници – не постои!
Затоа, за да не им одмогнеме нив, седиме дома и уживаме во времето што го имаме на располагање.
Правилно користејќи го и во наша полза. Дека ќе биде како лош сон кој ќе трае многу кратко.

Подоцна на него ќе се сеќаваме само како на потсетник дека можело да биде и полошо. Од нас зависи! Од сите! Од најмал – до највозрасен. Да бидеме солидарни и емпатични кон најзагрозената категорија граѓани. Тие нема да можат лесно да се излекуваат ниту старите ако заболат би имале предност за лекување.

Бидејќи приоритет им се дава на помладите во случај на лекување, запомнете дека: заштитувајќи се себе ги штитиме и постарите и понемоќните од нас. Сè друго може да почека, здравјето е на прво место. Ако го сочуваме него – животот ќе продолжи да тече по неговиот нормален тек. Бидете добро, хигиената на највисоко ниво, чувајте се, и останете во добро здравје!

Наталија Наумовска

Напишете коментар