Skip to content

Песно моја – Ванчо Николески

Песнава и нејзината убавина ми беа сноп светлина во денешниот мрачен ден. Ја споделувам со вас!

Песно моја, моја рожбо мила,
бликни бујно како порој речен,
екни силно и рашири крила,
гласот сакам да ти биде вечен.
Имај душа ширна како море,
немој да си ледена и штура,
јас би сакал да се вивнеш горе,
да пркосиш на ветер и бура.
Рашири се по ридишта сиви,
по колиби, градови и села,
по ливади, угари и ниви,
биди, песно, гулабица бела.
Како сонце, кое топло грее,
сегде дојди и секаде сврати;
кај се гради и каде се пее,
кај е тешко и каде се пати.
Песно моја, голабице мила,
бликни бујно како порој речен,
екни силно и рашири крила,
гласот сакам да ти биде вечен.

1 јуни 1951 год. ,Скопје

Напишете коментар