Skip to content

Празнина

Улици испразнети,
тишината вечерва победи,
можам да ѝ ја наслушам
триумфалната песна,
единствен надворешен звук
се лаежите од кучињата
што насетуваат дека нешто се случува.

Спокој и празнина осеќам истовремено,
времето ми стана сојузник,
за сите поплаки дека го немам доволно
ми покажа како е да располагам со него целосно.

Светот се стиши,
ги испразнивме местата
за да ги наполниме домовите,
да се свртиме кон себе
да се поврземе со себството
и да се зближиме со семејството.

Убава лекција учи празнината,
да не се потценува изобилието
ниту целосната слобода,
невидливиот непријател е учител
што мора да го победиме обединети,
а сами,
тој е закана преку кој планетата ни се одмаздува,
а ние сме должни да ја спасиме.

Земјата е соочена со предизвик,
ние луѓето со огромен животен тест,
битката ќе ја добиеме
ако го правиме тоа што единствено се бара,

Никогаш не било полесно
за да се спаси човештвото,
да се спречи згаснување живот
не е потребно оружје,
не е потребно крвопролевање или
борење за престол,
сѐ што треба е топлината на домот
и стуткани во нашите прибежишта
да се препуштиме
во возот на неизвесното,
оти сите сме во истиот брод
кој не сакаме да потоне,
не сакаме да биде
како во Ноевата арка без потоп,
да не дојде да се избира
кој ќе се спаси,
а кој ќе биде
оставен да се дави.

Да не биде принуден избор според возраст
кога може да се одбере покрив над глава
наместо подоцна болничка соба,
кога може да се одбере „ол инклузив“
домашна соба со сите предности
отколку бели ѕидови и кревет
со распаран душек
на кој лежеле многу тела
кога може да се избере
пријатна атмосфера со најблиските
наместо тажна сцена
што не ни сакам да ја замислам
ниту опишам.

Сега пак животот е целосно
во наши раце,
секогаш и бил,
сега и туѓите животи зависат
од нашето однесување.

Не смееме да сме себични
ниту да се замислуваме богови,
на исто рамниште сме сите,
го имаме истиот шпил карти,
сега е време да ја одиграме
нашата главна улога
во оваа драма
за да извојуваме победа
и празнината да ја исполниме со живост.

Нека се живнати домовите
со нашата енергија,
растрчани насекаде
сме им недостигале,
многу од нив по којзнае колку долго
замирисаа на колачи и цимет од детство
одамна заборавени вкусови,
живнаа и спомените,
фотоалбумите барем еден ден
го победија фејсбук,
а носталгијата нѐ натера одново
да се запрашаме што е вистински вредно.

Се вративме на корените
за да ги пуштиме подолго,
за да ѝ дадеме простор на Земјата
да се стабилизира.

Нѐ принуди да запреме
за да сфатиме колку сѐ било брзо,
нѐ врати во времето
кога семејството било најважно.

Празнината се пополнува,
ако целото е дел од нешто,
нештото е поголемо од целото,
ако човекот е дел од Земјата,
Земјата е поголема од него,
ако сме ние дел од сѐ,
ние сме живот – да го зачуваме.

Напишете коментар