Skip to content

Ангина пекторис – Александра Стојановска

  • by

Се гушам. Чувствувам тапа болка во градите. Не можам да дишам. Од страв ми се забрзува срцебиењето. Така е во изминатите 2 недели. Всушност сега сфаќам дека сум се разбудила волку рано поради болката. Сите спијат. Тоа е очекувано, часовникот покажува неколку минути до 6 часот. ,,Зошто ми се случува ова… не сакам да умрам… не сакам да умрам сама… многу ми е страв.” Од овие мисли уште повеќе ми се забрзува срцебиењето. Се исправам во креветот со надеж дека тоа ќе смени нешто. Но за мое големо разочарување болката и отежнатото дишење уште се присутни. Го земам телефонот и со моите оскудни познавања за срцевите болести го пребарувам поимот ,,angina pectoris” Дознавам дека тоа е градна болка предизвикана од недостаток на крв, а со самото тоа и недоволен доток на кислород поради затнување на коронарните артерии. Не знам што да мислам во врска со ова, иако имам добри генетски предиспозиции да развијам срцева болест. Одлучувам да одам на доктор, иако таа одлука во мене буди лоши чувства заради можниот исход. По неколку часа се наоѓам во ординацијата на докторот. Болката ја нема. Исто како кога одите на забар затоа што Ве боли заб и додека чекате забот престанува да ве боли… Одеднаш слушам како го прозиваат моето име. ,,Докторот Ве очекува”, ја слушам сестрата. Влегувам и го здогледувам покрај масата. Почнуваме разговор во кој му ги објаснувам симптомите, а зад очилата го забележувам неговиот загрижен поглед. И започнува со прашања за мојата работа, факултетот… Сфаќам дека причината за болката ја бара во преголемиот стрес. По половина час прегледи и крвна слика, тој е замислен. Резултатите покажуваат дека сѐ е во ред. ,,Дали ти се има случено нешто емотивно или особено стресно последниов период?”, ме прашува. ,,Може да се каже”, му одговорив. Спомените се вратија, солзите ми навреа во очите. Следи неизбежното. ,,Што се случило?”, одново ме прашува. ,,Мајка ми почина пред еден месец…”, ги снемува моите зборови, замираат некаде во грлото. ,,Беше болна?”, продолжува. Му климнувам со главата затоа што зборовите не сакаат да соработуваат. ,,Од што?”, прашува. ,,Рак”, овојпат успевам да одговорам. Гледам во него без да трепнам,затоа што едно трепнување е доволно и солзите ќе почнат да течат од очите. Зборот уште ме пече во грлото. Докторот само ми климнува, со препорака за земање витамини неколку дена, минлива работа, само стрес било. Тогаш не му кажав ништо. Знаев дека нема да ме разбере. Болката не е од стрес, болката доаѓа директно од моето срце на коешто му недостига еден дел, моето срце коешто крвари, но мислам дека докторите немаат термин за оваа појава. Доаѓам дома и во перницата ги загушувам сите солзи. Блазеси им на нив, тие можат да избегаат од ова тело.

Автор: Александра Стојановска

Напишете коментар