Skip to content

Шарлот Бронте – Џејн Ер

Шарлот Бронте (англиски: Charlotte Brontë; 21 април 1816 – 31 март 1855) е англиски романописец и поетеса, најстара од трите сестри Бронте. Починала на денешен ден во 1855 год. Таа е писателката која ја напиша Џејн Ер под псевдонимот Карер Бел (Currer Bell).

Романот Џејн Ер на Шарлот Бронте го следи личниот развој на една млада жена, која мора да се бори за одржување на нејзиниот идентитет и независност под притисок на средината во која живее. Секоја ситуација со која се соочува Џејн означува фаза во нејзиниот личен напредок која ја учи и ја подготвува за нејзиното следно искуство.

Нејзиниот процес на созревање е различно прифатен од секој читател.

Џејн Ер е наратор на својата приказна и раскажува во прво лице еднина. Таа е возрасна жена, сопруга и мајка која навраќајки се во минатото ги препознава сите големи случки и настани од нејзиниот живот. Читателот може да го препознае гласот на Шарлот Бронте и иако овој роман не е автобиографија изобилува со автобиографски елементи.

Нејзиното лошо лично искуство и лошите услови во „Училиштето на црковните ќерки“ кои трајно влијаеле врз нејзиното здравје и психички развој го опишува во „Училиштето Лоувуд“ во романот.

Секоја нејзина постапка ја учи некаква лекција,  и таа како сираче е воспитувана од нејзината тетка Сара Рид. Суровоста на тетка и ја учи да се потпира на нејзината внатрешна сила  и таа останува да биде силна и храбра целиот живот.

Во Лоувуд го учи религиозниот стоицизам од нејзината искрена пријателка Хелен Барнс и наоѓа сурогат мајка во грижливата учителка Г-ѓца Темпл. Кога таа заминува од училиштето, Џејн се чувствува доволно зрела да го напушти истото и оди да работи како гувернанта во куќата Торнфилд, каде го сретнува Едвард Рочестер. Тој е сличен дух како нејзиниот, со иста страст и иста желба за индивидуализам. Берта, неговата луда жена, која живее на поткровјето, цело време ги измачува и следи како некаков предзнак за нивните несозреани личности. Двајцата треба да поминат многу искушенија и предизвици за на крај да се соединат на крајот од романот.

Романот Џејн Ер содржи готски и викторијански елементи. Готските се претставени преку куќата Торнфилд која наликува на средновековен замок и духот на лудата жена на Едвард кој ги прогонува постојано. A викторијанските преку реалистичките слики на животот во тоа време и претставата за семејството кое го имаат викторијанците.

Секако, не смеат да се избегнат ниту романтичните чувства на Џејн и нејзината интуиција која ја следи во текот наа животот, односно романтичарските елементи.

„Џејн Ер“ е роман за жена која била далеку пред своето време и за писателка која ја истакнува моралноста и покрај тоа раскажува љубовна приказна. Џејн цело време е во потрага по топол дом кој на крај го наоѓа во срцето на Едвард. Убава среќна приказна нели?

Топла препорака за нашето карантинско секојдневие.

Напишете коментар