Skip to content

Тој беше нејзината пролет

Знам какви чувства ѕиркаа од нејзиното срце. Знам дека таа страсно знаеше да сака, но и страсно да мрази. Воопшто не го сакаше мракот и ноќта. Тогаш сите демони од нејзината душа ја прогонуваа во таа глува доба на ноќта. А пак нејзиното кревко, рането срце повторно и повторно беше поставено на првата фронтова линија. Таа очајно го сакаше денот. Ги сакаше сончевите, спокојни и тивки утра, каде се слуша дури и џагорот на птиците. Го сакаше млакото ветре. Го сакаше сонцето и летниот дожд. Го сакаше виножитото. Сакаше да вдише длабоко и да вдише среќа, да вдише задоволство.

Сакаше да ужива во животот. Да се шета во паркот, да навива за нејзинот омилен фудбалски тим, да пешачи долго на сонцето. Ја сакаше пролетта и магијата која ја носеше со себе. Токму она време каде не е ниту премногу топло ниту премногу студено. Сакаше умерени работи во еден миг, а веќе во друг беше подготвена и револуција да предизвика. Сакаше да се смее, да биде безгрижна. Сепак, да плаче кога и се плаче, да сака со целото срце, да не се плаши и да прифаќа предивици. Сакаше да биде сакана и прегрната кога тоа е најпотребно. Го сакаше и него. Тој беше нејзината пролет. Во него се засолна кога имаше големи бури. Таму го најде лекот за болката, го виде сонцето и среќата. Во него виде љубов. Во него виде пролет што во друг не можеше да букне.

Но велат дека има и такви денови кога пролетта е помалку пролет, а среќата е помалку од среќа. Доаѓа и оној ден кога и пролетта си заминува, кога и сончевите зраци остануваат поразени од облаците, кога и дождовите имаат свои пет минути. Има ден кога и цвеќињата венеат, кога и птиците повеќе не пеат, кога заминуваат. Има денови кога луѓето те напуштаат, а ти остануваш жеден за нивната прегратка, за нивната љубов.

Така и тој замина и пролетта заедно со него…

И ноќта повторно ја обколи оваа девојка. Но надежта не се загуби. Таа постојано врескаше дека еден ден и пролетта се враќа и сонцето и птиците, па и тој ќе се врати заедно со нив.

Времето помина, дождови паднаа, но болката ги учи луѓето и на дожд да танцуваат, токму како што ја научи таа девојка која сè уште ја чека пролетта да се врати.

Го чека него да се врати, та да не плаче душата повеќе, да не крвари срцето, да се засити од љубов во неговите прегатки, во прегратките каде пролетта е присутна.

Викторија Саздовска

Напишете коментар