Skip to content

6 лекции што ги научивме со појавата на смртоносниот вирус

Во целиот свет се чувствува тензија во моментов. Многу луѓе се фрустрирани или исплашени прашувајќи се кога животот ќе биде нормален повторно. Некои од нас се прашуваат дали реагираме премногу емотивно или го правиме спротивното од тоа. Постојат многу непознати нешта во моментов и сè што можеме да направиме е да седиме и да претпоставуваме за исходите што можат да следат.

Можеби никој од нас како поединец не може да го сопре хаосот и неизвесноста. Но тоа што можеме да го направиме сите е да погледнеме реалистично кон себеси. Да видиме што можеме да научиме од сето ова. Прво, можеме дефинитивно да извлечеме неколку лекции за тоа колку е важен нашиот придонес и да помогнеме пандемијата да не се рашири. Низ целото панично пребарување научивме за хигиената, како функционира вирусот и колку лесно нашите светови можат да бидат превртени наопаку преку ноќ.

За миг размислете што ви значи слободата вас?

Се надевам дека можете за момент да размислите за сите мали слободни нешта кои ви недостигаат во моментов. Живееме во време кога сите тие малечки слободи или нешта што сме ги правеле слободно се земени од нас. Да, тоа е за општо добро, но исто така е тешко сознанието дека немаме целосна контрола над нашите животи во моментов. Можеби некој од нас се чувствува малку виновно за потценувањето на работите бидејќи никогаш не знаевме дека можат така лесно и брзо да се одземат.

Што недостига?

Недостига чувството на нормалност. Рутините. Станувањето рано и одењето во теретана без грижи. Можеби некој од вас сфатил колку си го сакал работното место, колегите и работното опкружување кои сега ви недостигаат. Поминуваме многу време во жалење за нашите работи и секојдневни активности.

Одеднаш тие се работите кои ни недостигаат сега кога се недостапни. Дружбата и прошетките со пријателите и фамилијата, прегратките со милите и драги луѓе. Недостига и одењето во кревет без грижа за тоа што ќе се случува наутро. Многу родендени се прославени во домашна атмосфера меѓу четири ѕида и сите славеници слават со ограничен и минимален број на луѓе.

Ова не е страшно за тие што не му придаваат големо значење на роденденот, но за тие фанатиците за забава и што повикуваат многу гости за нивната прослава е ужасно тешко доживување.

Никогаш не сме помислиле колку лесно основните животни потреби и бизниси можат да пропаднат без никаков напор, одеднаш. Со многу голема анксиозност која циркулира околу светот ништо не делува добро. Но, нема простор за паника. Убедена сум дека сè ќе биде добро и дека ќе заврши така. Ништо не трае вечно, па ни ова. Ќе има големи промени, и ништо нема да биде исто.

Што предвидувам и порачувам?

Познавајќи ги луѓето знам дека ќе се навикнат на новонастанатите ситуации. Ќе се снајдеме и ќе преживееме и кризи, и сè што ќе дојде на патот ако сме доволно силни, истрајни, храбри и разумни. Кога ќе погледнеме назад, светот се соочувал со големи катастрофи, но и со слични болести како Ковид-19. Пример присутни биле маларија, сифилис, и останати смртоносни болести, па светот продолжил да постои.

Така ќе биде и сега, само мора да почекаме. Иако е сè паузирано и не тече по својот нормален тек, животот продолжува. Секојдневно пак сите имаме обврски, со разлика што не мораме, а и во полициски час не смееме да ги напуштаме домовите. Тоа не е казна и не смее да се доживува како домашен притвор или затвор. Туку како една заштитна мерка која мораме сите групно да ја почитуваме и да се придржуваме до неа.

Не делува воопшто тешко ова според мене, останувањето дома е најлесното, убедена сум. Тешко паѓа соочувањето сам со себе толку долго, потоа со најблиските ако не ви оди муабетот најубаво. Потоа одговорите на прашањето „што да се прави сега“ и „како да си ги исполнам времето“.

Следниве 6 нешта ги научивме од вирусот досега:

1. Останувањето дома може да биде корисно ако знаеме како да го исполниме времето

Оваа лекција требаше да се знае многу порано. На некои им беше јасна и научена, некои допрва ќе ја научат ако не ја научиле. Домот не е место само за спиење и јадење, место каде ќе ни биде топло и безбедно. Тој е најтоплото и најбезбедно место точно, покрај што е прибежиште од секојдневието, тоа исто така треба да биде и креатор на секојдневието.

Факт е дека преку целиот живот во домот поминуваме најголемо време, и половина од тоа го поминуваме во спиење. И треба да знаеме како да си го пополниме времето и кога животот функционира нормално, но и во вонредни околности. Мислам дека оваа лекција сите ја научивме.

2. Ништо не треба да се зема „здраво за готово“ ниту пак да се преценува

Многу е јасна оваа научена лекција. Не требаше да чекаме појава на вирус за да сфатиме колку некои работи ни се драгоцени и без кои не можеме. Исто така, не треба па ни сè да сфаќаме сериозно и лично. Балансот е најдобар, приоритетите нека бидат на прво место. И луѓето никогаш не ги земајте здраво за готово.

Ниеден човек не е за потценување и игра важна улога во нашите животи дури и кога не сме целосно свесни за тоа. Не ги штедете прегратките, не штедете на зборови. Кажете им како се чувствувате, покажете им ги емоциите на тие што ви значат. Не знаете кога некого го гледате за последен пат.

3. Може да се работи и од дома, но сепак треба да постојат работни места и канцеларии

Затворањето на образовните институции покажа дека наставата колку толку може да се одвива онлајн и без физичко присуство на наставник, професор, но дека ништо не може да ја замени класичната настава со училници, предавални и амфитеатри.

Исто така многумина што беа принудени да работат од дома сфатија дека не е иста атмосферата. Дека од дома е многу порелаксирано и некако се губи тоа чувство на продуктивност работејќи од дневната соба додека си опкружен со деца, пуштен телевизор или бучни комшии. На многу им фали работното место.
Затоа никогаш повеќе да не се жалиме колку ни е тешка работата.

4. Животот може да се промени преку ноќ или за само неколку часа

Во оваа лекција има цела животна филозофија. Како и да е, накратко ќе кажам само дека треба да се чуваме, и да останеме во добро здравје. Никогаш нема да знаеме кога ни е последниот ден на земјава, ниту на луѓето околу нас. Сè може да се промени во стотици секунди. Бидете храбри и сакајте го животот. Сите сме гости на оваа планета.

5. Осаменоста и самотијата се две различни нешта

Можеш да се чувствуваш осамено и во група од десетици луѓе. Самотија е кога си сам, и кога живееш одделен од луѓето, кога немаш никого во близина. Во самотијата не е нужно да се чувствуваш осамено, ако ти годи времето што го поминуваш сам со себе. Но, во изолацијата и најголемите интроверти, како и оние кои уживаат во самотијата почувствуваа неизвесност, малку страв и потреба од други луѓе.

Значи заклучокот е дека ние сме потребни едни на други во тешки ситуации. За во лошите и непријатни состојби потребна ни е човечка близина и поддршка. Не сте сами, дури и ако сте во самотија. Помислете само дека кога ќе заврши ова сигурно постои барем една личност која ќе ви се израдува кога ќе ве види.

6. Природата ни е повеќе потребна нас отколку ние нејзе

Сега дури го сфативме луксузот од излегување на чист воздух, пешачење, качување планини, ридови, трчање кога сакаме и колку сакаме. Уживањето во глетката на растенијата, цвеќињата и дрвјата во паркот како и пикникот што се прави во природа. Да не зборувам од убавината на кампување на планина или во некое летно одморалиште, или спиењето во шатори.

Потоа на забавите и концертите на отворено и сите собири што можат да се прават со луѓе, со музика, пиење и јадење. Сето тоа сега е оневозможено, но играло и те каква улога во нашите животи. Значи заклучуваме: природата може без нас, а нас ни е многу тешко без неа.

Лекциите ги учиме со одредена цел. Борете се, и не се обесхрабрувајте. Позитивните мисли нека ги надвладеат негативните. Се надевам овие ќе ни послужат за подобри времиња и поведри денови за општо заедничко добро. Останете во добро здравје.

Напишете коментар