Skip to content

Шеќерна приказна – Славко Јанески

Пред сто и повеќе години во градот Негобило, најголемиот мал град на светот, живеел слаткарот Марко. Сите го сакале, посебно малите деца кои уживале во неговиот сладок свет од чоколада.

Една вечер, некаде околу полноќ, слаткарот Марко измесил една чудна мајсторија од шеќер и млеко и тоа чудно тесто лека полека се претворило во дете, вистинско шеќерно дете со крупни темни очи од печен бадем и темна коса од чоколада.

Слаткарот бил толку среќен што заборавил дека е полноќ и го разбудил целиот град да им раскаже за шеќерното дете, но тоа што било најчудно е  тоа дека малото дете исчезнало кога сите отишле во дуќанот да го видат. Сите помислеле дека се работи за некоја солена шега, и слаткарот Марко останал сам липајќи во својот дуќан и не верувајќи на своите очи.

Еве што точно станало. Едно мало глувче во дуќанот се спремало да го касне шеќерното дете, но тоа почнало да оживува и само да чекори по главната улица на градот, наречена Тристаиедна дупка.

Одело и одело, и сонцето изгреало, но не чувствувало замор. Далеку од градот имало една волшебна шума, каде сите пееле и штом ќе изгреело сонцето, од една грмушка ќе излезела една желка, ќе ја подадела својата глава и ќе запеела:

„Шуми бреза, цути дрен

Уште еден стаса ден!“

И тогаш качунките, јагликите, булките, вртипопот, сите, сите ќе запееле:

„Сонце грее, цути дрен,

Добар ден, добар ден!

Сите пееле, само старата букова пенушка, крај потокот се мачела и секогаш истото го кажувала:

Сонце…ден…бреза….глог…

Штом потокот ќе го чуел тоа, чудно ја завршувал песната:

Клоко – клок…Клоко – клок…

Еден ден запеал и славејот:

Чиру –лак! Чиру-лак!

Нема кај нас таков глас

Никој друг, никој друг –

Освен јас!“

Никој немал таков убав глас и кога го слушнале  итрата лисица, волкот и мечката,  го зграпчиле и го затвориле во еден кафез да им пее.

Оттогаш, во шумата веќе никој не пеел и кога шеќерното дете дошло сите биле тажни. Кога ги прашал зошто се тажни тие му кажале за пакоста на страшните арамии и го замолиле да го ослободи славејот.

Никој не знаел како, па желката предложила детето да ги побара бубалките, може тие знаат.

Шеќерното дете отишло да бара одговор како да го ослободи славејот во земјата на бубалките, во земјата на рибите , во земјата Лангарија – каде се било чудно и имало планини од сладолед , реки од лимонада, кучи од мед, а место дожд врнело млеко.

Таму живееле мали џуџиња, високи една педа и имале бради две педи, но и тие не знаеле да одговорат на неговото прашање. Така, малото шеќерно дете ги посетило и земјата на играчките и на снегулките, но никој не знаел како да се ослободи славејот.

Тие го советувале дека единствено луѓето знаат како да се спаси славејот и тоа се вратило назад во градот Негобило, најголемиот мал град на светот. Таму пак го нашол и си го присвоил коларот Ване. Но, кога слаткарот Марко чул дека коларот Ване си го посвои шеќерното дете, толку се налутил што веднаш истрчал кај него и така почнала првата позната караница во Негобило. И почнале да се судат и додека тие се карале и суделе на кој припаѓа шеќерното дете еден чичко скришум влегол во куќата на коларот Ване и го украл шеќерното дете. Тоа бил итриот арамија Црна Шубара кој бил љубезен на почеток, и за среќа му ја открил тајната како да го ослободи славејот и му кажал треба да ископа голема јама, да ја покрие со гранки и да ги домами ѕверовите во неа.

Но, набргу се намуртил, го ставил во џеб и го изнел од градот и го одел кај една крепост. Тоа бил домот на волшебникот Тарара. Таму, била волшебната ламба која требало шеќерното дете да ја украде, но тоа случајно ја скршило и тогаш се сѐ изменило. Волшебникот ја изгубил својата моќ и заминал во Неврат, а и Црна Шубара си заминал некаде.

Шеќерното дете пак стасало во шумата и им раскажало на сите по ред како може да се спаси славејот. Ги намамиле ѕверовите во шумата и тие дошле до јамата покриена со гранки и земја и паднале внатре. Животинките весели го нашле славејот во една пештера, се веселе три дни и три ноќ.

Славејот пак запеал:

„Чиру –лик! Чиру-лак!

Денес еве пеам пак..“

Дури неочекувано запеала и буковата пенушка:

„Чуру – лак..

Ветрец вее,

Сончев зрак

Уште грее

Кај нас пак

Славеј пее!“

Шеќерното дете им заблагодарило на сите за љубезноста и се простило од своите пријатели. Тоа ветило дека ќе се врати пак и се вратило назад во најголемиот мал град на светот Негобило кај коларот Ване и слаткарот Марко.

Напишете коментар