Skip to content

„Песна“ од Блаже Конески по повод 23 април Меѓународниот ден на книгата и авторското право

Денешениот ден, 23 април е Меѓународен ден на книгата и авторското право, кога традиционално се упатува порака од УНЕСКО.

Би сакала да ја честитам со една многу моќна порака од големиот македонски поет Влада Урошевиќ која ја пренесе минатата година на Струшките вечери на поезијата:

Во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана, каде што пишувањето песни станува една дејност на која јавноста не ѝ подарува речиси никакво внимание, славењето на поезијата низ еден ваков фестивал како што е Струшкиот претставува благороден и високо морален чин. 

Тоа што ја одржува во животот поезијата е – отпорот. Секој чин на пишување песни денес во светот е еден вид отпор. До вчера, во овие краишта, тоа беше отпор против обидите поезијата да се претвори во орудие на претераната идеологизација во служба на политичката елита. Денес – песната станува еден вид отпор против сè пожестоката и сè понемилосрдната материјализација на сè што постои. Светот вели: „Сè е на продажба!“ Песната одговара: „Сè освен мене!“ Дури и најнаивните љубовни стихови на некој поет-почетник се израз на бунтот против сфаќањето дека сè може да се сведе на најпрозаична реалност, дека човековата егзистенција нема друга смисла освен барање на колку што е можно полесен пат кон ефтините удопства и лажните задоволства“. 

Единствено песната останува да биде нешто што не е на продажба во овој материјалистички свет. Затоа, како што вели великанот Блаже Конески, сè она што ве мори, сè она што сакате да го искажете, искажете го со убава песна!

Песна – Блаже Конески

Да лажеш не е можно,
те мори вистина бесна –
срамот и тагата своја
скриј ја во нејасна песна.
И ако кажуваш тогаш
за пусти вечерни села
– два воза во здивен трк
како се сретиле в мрак –
и ако кажуваш тогаш
за крвав месечев изгрев
над темен планински врв
за црвен зрак,
во чудна сказна се слуша
тага на ранета душа.
Да лажеш не е можно,
те мори вистина бесна –
срамот и тагата своја
скриј ја во нејасна песна.

Уживајте во пишувањето и нека биде вековит денот на книгата!!! Секако не заборавајте и да читате, доволни се неколку страници на ден од некоја книга или прочитајте неколку убави стихови за да избегате од реалноста и да уживате во нивната магија!

Напишете коментар